Македонските автобуски превозници се соочуваат со сериозна криза во меѓународниот сообраќај, бидејќи драстично се намалува бројот на патници. Причина е порастот на авиопревозот, особено поради нискобуџетните билети на „Визер“, кои често се двојно или тројно поевтини од автобуските. Како резултат, многу компании се повлекуваат од далечните дестинации и се фокусираат на балканските тури од пролет до есен, додека во зимските месеци автобусите стојат паркирани. Домашните превозници предупредуваат дека овој тренд ги прави меѓународните линии финансиски неисплатливи и ја доведува во прашање стратешката улога на автобускиот превоз

Македонските автобуски превозници се повлекуваат од подалечните дестинации. Бројките што ги објави Државниот завод за статистика зборуваат сами за себе. Во четвртото тримесечје од 2025 година, бројот на превезени патници со автобус во меѓународниот превоз бил намален за дури 53,3 %, што укажува на сериозен пад на интересот за долги патувања со автобус. Во исто време, вкупниот патнички превоз со автобус низ Македонија забележал пад од 8,5 %.
Автобусчиите што ги праша весникот ВЕЧЕР зошто има таков огромен пад во меѓународниот превоз на патници, ни рекоа дека причината за овој тренд е јасна: сè повеќе патници се одлучуваат за авиопревоз, особено поради нискобуџетните опции на авиопревозникот „Визер“.
На пример, повратен лет од Скопје до Бари во овој период чини околу 30 евра, до Париз 31 евро, до Брисел 41 евро, до Лион 53 евра, а до Рим 62 евра, што е двојно или тројно поевтино од автобускиот превоз на тие релации. Дополнително, компанијата користи државни субвенции, што дополнително ги прави авиобилетите примамливи за патниците.
Последиците се видливи на терен: македонските автобуски превозници се речиси целосно повлечени од далечните меѓународни дестинации, а нивните возила „растураат“ само по балканските тури од март до октомври, кога е најголема побарувачката. Во зимските месеци, од ноември до март-април наредната година, автобусите често се паркираат, оставајќи ги превозниците со минимални приходи и со големи трошоци за одржување.
Од автобускиот превозник „Стефан турс“ велат дека им е неисплатливо да возат редовни меѓународни линии со оглед на тоа што „Визер“ им е голема конкуренција со цената на билетите.
– Ние сме слободен превозник и не возиме редовни линии. Затоа од октомври до март автобусите ни стојат паркирани. Чекаме да дојде март-април и да почнат туристичките групи што шетаат по Балканот и сè така до октомври, кога повторно ги паркираме автобусите. Со цените, „Визер“ ни е голема конкуренција за подалечните дестинации. Еве, некни од авиокомпанијата објавија билети за педесетина евра, а бе, само да пиеш кафе и да се вратиш – вели Ацо Симончески од „Стефан турс“.
Податоците за 2025 година покажуваат дека вкупно 38.739.000 патници биле превезени со автобус низ Македонија, од кои во меѓународниот сообраќај само 516.000. Бројот на патнички километри е намален за 21,7 %, а во меѓународниот превоз дури за 35,5 %, што ја потврдува драматичната промена на навиките на патниците.
Оваа состојба ја турка домашната автобуска индустрија во криза, бидејќи оперативните трошоци остануваат високи, а конкуренцијата од авиокомпаниите со субвенции ги прави далечните релации финансиски неисплатливи. За многу превозници, единствен начин за преживување е да се фокусираат на кратките и регионални тури, додека меѓународниот превоз останува речиси недостапен.
Но, проблемот не е само економски туку и социјален – патниците сега имаат избор што ги прави патувањата поевтини и побрзи, но домашните автобуски компании ризикуваат да загубат дел од својата стратешка улога во меѓународниот сообраќај.
(С. Бл.)












