Сајбер измамите изгледаат смешни и наивни, но неверојатно е колку многу луѓе стануваат жртви. Има бројни примери на граѓани, особено на повозрасни, кои можеле да станат потенцијални жртви на сајбер криминалот.
– Со текот на годините, сајбер криминалците ги усовршуваат своите методи, нивните пораки изгледаат сè пореални, поради што постојано расте бројот на жртви на сајбер криминалот. Социјалниот инженеринг на криминалците, поддржан со новата технологија, многу често прави да не можеме да препознаеме што е лага, а што вистина – посочуваат од една банка.
Од Народната банка информираат дека во 2024 година значително бил зголемен бројот на измами поврзани со онлајн плаќањето, особено при купувањето од странски електронски продавници
Навиката на граѓаните за купување на Интернет секојдневно е во пораст, затоа што таквото пазарење е практично и заштедува време кога пристигнува на домашниот праг она што е порачано. Сепак, со многуте предности на плаќањето со платежна картичка преку Интернет доаѓаат и ризици од онлајн измама. Најчесто, онлајн измама е кражба на средства на жртвата, финансиски или банкарски податоци како информации за вашата картичка или банкарска сметка или вашите лични податоци.
Има бројни примери на граѓани што можеле да станат потенцијални жртви на сајбер криминалот. Така, пензионерка од Скопје раскажа за весникот ВЕЧЕР дека пред извесно време добила телефонски повик од, како што ѝ се претставиле, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и ја информирале дека поради пребивање на пензиите, ќе ѝ исплатат дополнителни 10.000 денари на трансакциската сметка, за која ѝ побарале број и лични податоци. За среќа, таа се посомневала и кажала за случката на своја блиска пријателка, која ја поучила да се јави во Фондот на ПИОМ и да провери, од каде што ѝ кажале дека е измама.
Од Фондот на ПИОМ посочија за весникот ВЕЧЕР дека кон крајот на минатата година, пензионер пријавил сличен телефонски повик. Имено, тој ѝ кажал на службеничката во ПИОМ дека му се јавил некој, дека претстои кумулативно зголемување на пензиите и дека поради тоа е потребно да ги каже личните податоци и бројот на трансакциската сметка.
– Службеничката му кажала дека нема никакво зголемување на пензиите, дека станува збор за измама и да не дава никакви податоци. Откако ѝ посочил пензионерот на службеничката дека го има во телефон бројот од кој го добил повикот, таа се обидела да се јави на тој број, но се покажало дека станува збор за непостоен број – велат од Фондот за ПИОМ.
Банките, пак, на своите интернет-страници споделуваат примери на онлајн измами. Така, граѓанин добил порака по е-пошта, од адвокатска канцеларија. Во пораката се вели: „Вие сте среќниот корисник на наследството од почината тетка, кое е во милиони“, но повторно се бараат лични податоци и тековна сметка. Не се малку ниту СМС-пораките што стигнуваат кај граѓаните дека имаат пакет од царина и дека сѐ што треба да направат е да кликнат на линкот за да ја реализираат трансакцијата, ослободувајќи го пакетот за испорака. Во друг случај, непознато лице контактирало граѓанин преку „Фејсбук“ и кажало дека со мала инвестиција во крипто валута, ќе стане многу богат.
Најчесто цел на измамниците се повозрасните.
– Иако овие измами, можеби, изгледаат смешни и наивни, неверојатно е колку многу луѓе стануваат жртви. Со текот на годините, сајбер криминалците ги усовршуваат своите методи, нивните пораки изгледаат сè пореални, поради што бројот на жртви на сајбер криминалот постојано расте. Социјалниот инженеринг на криминалците, поддржан со новата технологија, многу често прави да не можеме да препознаеме што е лага, а што вистина – посочуваат од една банка.
МН: Најчести форми на е-измама
Од своето досегашно искуство, банките ги посочуваат најчестите форми на онлајн измама. На пример, сте ја загубиле картичката или некој добил пристап до податоците од неа и ги искористил за купување преку Интернет. Исто така, многу често се прават измами преку лажна веб-страница (за е-трговија).
– И ова е многу честа форма на онлајн измама. Позната како заедничка измама, бидејќи во ваквата форма на криминал криминалците ги здружуваат силите за да ги извршат своите злосторства. Сè изгледа нормално и функционира како на која било друга веб-локација, но разликата е во тоа што страницата за е-трговија на која пристапувате, всушност, не е вистинска. Кога ќе ги внесе корисникот податоците за својата картичка, криминалците ги собираат и ги користат за повлекување поголеми суми пари или за друга форма на злоупотреба – посочуваат од банката.
Честопати потрошувачите добиваат производи што се многу понеквалитетни од тие што ги нарачале. Особено се случува тоа преку купувањето на странски платформи, како „Тему“ или „Шеин“. На почетокот, потрошувачите не го сфаќаат тоа и минува многу време пред да забележат дека не е нешто во ред со тоа што го купиле.
Повеќето интернет-измами имаат една заедничка работа: се работи за натпревар (наградна игра) или за друга форма на добивка (нереални попусти, нереални награди итн.). Поканите за учество обично се испраќаат преку платформи за пораки на социјалните мрежи или на е-пошта, а хакерите најчесто поставуваат лажни рекламни банери на различни веб-страници со цел да изгледаат примамливо.
– Фишингот е најпопуларна форма на сајбер криминал. Тоа се, главно, мејлови/ и-мејл пораки што предизвикуваат чувство на итност, на пример, треба бргу да платите, да направите најава, да испратите нешто или ќе има некакви последици, како заклучување на корисничката сметка, истекување на лозинката, блокирање на сметката… Оваа измама најчесто се дистрибуира преку електронска пошта, затоа треба да бидеме исклучително внимателни, да знаеме да препознаеме и да се заштитиме. Понекогаш фишинг- мејловите тешко се препознаваат, бидејќи криминалците ги креираат со цел да изгледаат како е-пошта доставена од банка, од некоја позната компанија или социјална мрежа. Сè изгледа реално, на пример, „Фејсбук“ ви се обраќа преку е-мејл: „Некој се обидел да пристапи до Вашата сметка на ‘Фејсбук’ од нов уред. Ве молиме, внесете ја Вашата лозинка и потврдете дека тоа сте Вие“ и така натаму – велат од банката.
Уште еден чест пример се СМС-пораките од типот: „Вашиот пакет се наоѓа во нашиот магацин. Ве молиме, потврдете ја Вашата адреса и платете го надоместокот за испорака за да започне испораката“. Важно е да знаете дека службите за курирска пошта никогаш не испраќаат вакви пораки и дека во повеќето случаи може да го следите пакетот преку нивната апликација. Исто така, ако сте нарачале нешто и ако добиете ваква порака, најдобро е директно да контактирате со курирската пошта за да го проверите статусот на вашиот пакет.
МН: Во пораст бројот на лажно плаќање преку Интернет
Од Народната банка посочуваат дека во 2024 година значително бил зголемен бројот на измами поврзани со онлајн плаќањето, особено при купувањето од странски електронски продавници. Овие измами се почести отколку оние при плаќање на физичките места, што уште повеќе ја истакнува потребата од внимателност при онлајн купувањето и поголема свесност за ризиците во дигиталниот простор.
– Доколку добиете сомнителен повик, порака или е-пошта, првиот чекор е да го проверите изворот, дали навистина доаѓа од вашата банка или од надлежна институција. Никогаш не отворајте е-врски, не преземајте прилози и не споделувајте ги личните податоци. Банките нема да побараат ПИН, лозинка или друг чувствителен податок преку телефон или е-пошта. Најбезбедно е веднаш да ја прекинете комуникацијата и да контактирате со вашата банка. Пријавувањето на ваквите случаи е важно и за заштита на другите корисници – вели Горан Јанкоски, главен одговорен супервизор за информативните системи во Народната банка.
Јанкоски нагласи дека Народната банка, следејќи ги светските дигитални трендови, постојано работи на унапредување на регулативата за зголемување на сигурноста при користењето банкарски и платежни услуги. Ова се прави во соработка со банките, преку активности за запознавање на јавноста – брошури, видеоматеријали и други материјали што постојано ја нагласуваат најважната порака: ниту една банка нема да побара лични податоци преку порака или е-врска.
– Дигиталната писменост е особено важна за заштита од измами и за создавање безбедна дигитална финансиска средина. Со сè поголемото користење на онлајн банкарството, неопходно е граѓаните да знаат како безбедно да ги користат овие услуги и да ги препознаат потенцијалните ризици. Народната банка активно работи на ова поле. Годинава, на пример, организиравме обука за наставниците за теми како лажни пораки (фишинг) и дигитални измами за да може да им се пренесат овие знаења и на младите, кои се сè поизложени на дигиталните закани – истакна Јанкоски.
Тој додаде дека преку усвојување нови законски решенија усогласени со европските прописи, веќе се воведени системски механизми, особено во областа на платежните услуги, кои обезбедуваат посигурна инфраструктура за извршување на платежните трансакции.
И ТОА СЕ СЛУЧУВА: Бугарка на раководна позиција паднала во романтична сајбер замка
Бугарските медиуми вчера објавија за жена на раководна позиција што била измамена за стотици илјади лева, бидејќи верувала дека испраќа СМС-пораки на позната личност, на која требало да ѝ префрли пари за членска карта.
– Се покажа дека измамниците многу вешто го користат доаѓањето на светски познатите ѕвезди во нашата земја за да ги намамат Бугарките. Во последно време, се случуваат многу вакви измами со името на Роби Вилијамс, на пример – објави „Нова“.
(С. Бл.)