Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), ги предупредуваат граѓаните да внимаваат и сами да се заштитат кога купуваат производи од онлајн платформи, бидејќи накитот, чевлите, водоотпорните јакни купени од Тему, Шеин, Али Експрес… содржат штетни хемикалии. Од Организацијата велат дека освен тоа што производите од овие платформи се неквалитетни и штетни по здравјето им нанесуваат штета на нашите продавници поради нелојалната конкуренција, ја загадуваат животната средина и прават ѓубре

 

Со развој на дигиталниот пазар се зголемува и бројот на неквалитетни и небезбедни производи. Шест од 16 парчиња накит од странски платформи содржат големи количини на штетни тешки метали како кадмиум и ослободуваат премногу никел. Три парчиња накит кои се продаваат како “925 сребро” од платформите се речиси целосно направени од кадмиум. Девет од 11 пара чевли купени од онлајн платформи содржат супстанции кои се нелегални во ЕУ. Повеќето водоотпорни јакни содржат штетни хемикалии. Ова е објавено на веб страната на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), која ги пренесува тестирања што ги спровел данскиот Совет на потрошувачи за производи што се продаваат преку странски онлајн платформи за купување, како што се Тему, Шеин, Али Експрес…

-Ги предупредуваме граѓаните да бидат внимателни и да се заштитат, особено кога ги купуваат овие производи од онлајн платформите. Посебно треба да внимаваат на евтиниот накит, бидејќи дури и ако накитот изгледа идентично, може да постои невидлив ризик за здравјето скриен во некои од најевтините парчиња накит. Постојат значителни разлики помеѓу накитот купен во физичките продавници и оние кои доаѓаат од онлајн платформи надвор од ЕУ, изјави за весникот ВЕЧЕР, претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова.

Имено откриен е накит кој содржи 205 пати повеќе никел од граничната вредност, што е загрижувачко. Исто така, утврдено е лажна ознака 925 сребро кое всушност е направено од кадиум, кој е високо токсичен тежок метал. Аналите покажале дека тестираните производи  биле направени речиси целосно од кадмиум – а не од вистинско сребро. Ова значи дека марката не е сигурна гаранција за квалитет или безбедност при купување на онлајн платформи и ризикувате да купите токсичен производ, дури и ако изгледа добро и автентично.

Кај чевлите, пак девет од 11 пара купени од Тему, Шеин, Али Експрес…содржат штетни и нелегални хемикалии како што се фталати, хлорирани парафини, тешки метали и PAHs во ѓонот.

-Сите чевли кои биле тестирани од Тему, Шеин, Али Експрес…биле произведени во Кина. И чевлите купени од физичките продавници исто така носеле информација дека се направени во Кина, но не содржат штетни и нелегални хемикалии. Европските компании како H&M, Zara… имаат правна одговорност да се осигураат дека нивните чевли се во согласност со хемиските прописи во ЕУ, без оглед на тоа каде се произведени. Но истото не важи за онлајн платформите. Тие мора да ги отстранат нелегалните производи ако се свесни за нив, но тие немаат иста одговорност да проверат дали има нелегални хемикалии пред чевлите да бидат продадени на потрошувачите, стои во информациијата на ОПМ.

Лончар Велкова појаснува дека големите онлајн платформни треба да преземат мора да преземат мерки со цел производите кои таму се пласираат да содржат безбедни состојки и да ги почитуваат безбедносните правила на ЕУ.

Повеќето водоотпорни јакни кои се продаваат на онлајн платформите Амазон, Шеин и Тему содржат штетни хемикалии-PFAS со цел да бидат поотпорни на дожд, снег, сонце и сл. Но овие супстанци се штетни и за животната средина и за здравјето на луѓето.

И покрај тоа што производите купени од овие платформи се евтини, а испораката е релативно брза, од ОПМ ги предупредуваат граѓаните да внимаваат и сами да се заштитат. Од Организацијата велат дека освен тоа што производите од овие платформи се неквалитетни и штетни по здравјето им нанесуваат штета на нашите продавници поради нелојалната конкуренција, ја загадуваат животната средина и прават ѓубре.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ