– Претставата носи едно сосема ново читање, еден сосема нов јазик од минатата изведба на „Болва в уво“. Преводот и адаптацијата се направени на јазик на кој јас ги креирам претставите на театарските сцени. Секогаш се обидувам да ги поврзам универзумите што е случуваат на сцената и моите приказни секогаш се преплетуваат, а тоа продолжува и во оваа претстава – истакна Евтимов, кој додаде дека ужива во работењето на жанрот комедија, а токму долгогодишното искуство му дало сигурност во подготовката на претставата која премиерно ќе ја видиме на 17 декември, во 20:00 часот

– Со секоја должна почит кон оригиналната изведба на легендарната претстава „Болва в уво“ во Драмски, која со начинот на игра и со хуморот е совршена за времето во кое е направена, новата „Болва в уво“ резонира со денешното време, овде и сега – посочи режисерот Синиша Евтимов на вчерашната прес-конференција во пресрет на премиерата изведба на оваа комедија, култно дело на Жорж Фејдо, закажана за утревечер 17 декември, во 20:00 часот.

Како што додаде Евтимов, претставата, овој пат во негова адаптација, носи една сосема нова, млада, енергија.

– Претставата носи едно сосема ново читање, еден сосема нов јазик од минатата изведба на „Болва в уво“. Преводот и адаптацијата се направени на јазик на кој јас ги креирам претставите на театарските сцени. Секогаш се обидувам да ги поврзам универзумите што е случуваат на сцената и моите приказни секогаш се преплетуваат, а тоа продолжува и во оваа претстава – истакна Евтимов, кој додаде дека ужива во работењето на жанрот комедија и токму неговото долгогодишно искуство му даде сигурност во подготовката на претставата.

 

Сценографијата е на Мартин Манев, костимографијата на Раде Василев, а улогите ги толкуваат: Дениз Абдула, кој игра два лика: Виктор и Поше; Ања Митиќ како неговата сопруга Рената; Марјан Наумов како Миле, а во улогата на Ристе ќе го видиме Лазар Христов. Игор Стојчевски го толкува ликот на д-р Филев, а Стефан Вујисиќ на Дони Карлос Хомениде. Во претставата играат и Нина Елзесер како Луси, Владимир Петровиќ како Бегби, Рубенс Муратовки како Филип, Катерина Шехтанска како Оли, Томилав Давидовски како Ангел, Јована Спасиќ како Анета, Петар Стојковиќ како Бате и Ивана Павлаковиќ како Евгенија.

Теми во „Болва в уво“, пак, се брачниот живот, љубомората, страстите, недовербата, класните разлики… Публиката ќе ја види новата поставка

по точно 51 година и 8 месеци откако беше поставена првпат во 1974 година.

Инаку, како што посочи директорот на Драмски, Роберт Вељановски, претставата „Болва в уво“ е петта продукција годинава на овој театар.

– Се работи за познат текст од Жорж Фејдо, некогашна култна претстава на овој театар, која има најмногу изведби, а бројките велат – 453. Продукциски, годинава уриваме рекорди, а оваа претстава е направена за 36 дена. Ова беше исклучително брза и сериозна подготовка на една голема претстава – истакна Вељановски.

Евтимов, исто така, додаде дека процесот на подготовка на претставата бил и лесен и едноставен.

– Беше прекрасно да се работи со оваа, слободно можам да кажам, нова, млада генерација, која ќе го воведе Драмски во една нова ера на неговото постоење. Овие 36 работни дена, за мене, беа и повеќе од доволни да го создадеме она што го создадовме, а создадовме еден доста возбудлив поп-продукт, кој ќе живе доста долго на оваа сцена и секогаш ќе се бара билет повеќе. И тоа не е само затоа што станува збор за „Болва в уво“ на Жорж Фејдо, која е, слободно може да се каже, Библија на современите комедии и што сите комедиографи по него, во принцип, се обидуваат да ги достигнат оние заплети што ги поставува тој како основа на секоја добра современа комедија. Факт е дека работев со овие луѓе што си ја сакаат својата работа и уживаат во процесот на работа, создавање и креирање заедно со мене и мислам дека успеавме да постигнеме синергија, која дефинитивно ќе ја видите на сцената, ќе еманира со позитивна енергија и сите заедно ќе уживаме – додаде Евтимов, кој посочи дека бил во основното училиште кога била играна 300. претстава на култната „Болва в уво“ на Драмски.

Актерите, пак, кои во голем дел првпат соработуваат со режисерот Евтимов, посочија дека поминале исклучително креативен процес во кој само имагинацијата била лимит.

Инаку, првите три изведби на претставата, како што информираат од Драмски, се веќе распродадени, а првата следна изведба е закажана за 24 јануари. (Д. Т.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ