Европското обвинителство се сомнева во вмешаност на двајца грчки министри во проневера на субвенции од ЕУ

181

Европското јавно обвинителство (ЕЈО) испрати информации до грчкиот парламент за наводната вмешаност на двајца поранешни министри во измама поврзана со земјоделски субвенции од ЕУ.

Брисел ја казни Атина со 400 милиони евра пред неколку дена за повеќегодишна измама во која грчки граѓани добивале земјоделски средства од ЕУ врз основа на фиктивни договори за сопственост на земјиште или закуп, или за земјоделска работа што не ја извршиле, лишувајќи ги вистинските земјоделци од парите на кои имале право.

Грчката влада веќе ја затвори агенцијата одговорна за распределба на милијарди земјоделски субвенции од ЕУ поради оваа измама.

Европското јавно обвинителство на 19 јуни објави дека доставило информации до грчкиот парламент за наводната вмешаност на двајца поранешни министри за земјоделство во кривични дела, објавува Политико.

Во соопштението на ЕППО не се прецизира за кои министри станува збор, но неименувани грчки и ЕУ претставници велат дека станува збор за Макис Воридис, кој беше министер за земјоделство од 2021 до 2023 година, а сега е министер за миграција, и Лефтерис Авгенакис, кој беше министер за земјоделство од 2023 до 2024 година, а сега е пратеник.

Сега веќе непостоечката грчка агенција ОПЕКЕПЕ не бараше доказ за сопственост за да дистрибуира субвенции од ЕУ, а луѓето, претежно на Крит, успеваа да ги добијат своите пари преку измама.

Според грчкиот закон, само Парламентот има овластување да истражува и да ги гони сегашните или поранешните членови на владата, што значи дека EPPO, иако е формирано за да истражува злоупотреба на средствата од ЕУ, нема овластување да покренува вакви случаи во Грција.

„Ова ја ограничува надлежноста на EPPO, што е спротивно на регулативата за EPPO. Бидејќи ова е прашање на компатибилност помеѓу правото на ЕУ и националното право, EPPO веќе ја информираше Европската комисија за тоа“, соопшти обвинителството.

Главната европска обвинителка Лаура Ковеси вети дека ќе ја продолжи истрагата и покрај „нападите“ и „заплашувањата“ околу случајот.

ИЗДВОЕНИ