Европските лидери со заедничка изјава: Нема пат кон мир без Украина

74
EPA/JONAS ROOSENS

За патот кон мирот во Украина не може да се одлучи без Украина, изјавија европските лидери во заедничка изјава пред планираната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Заедничката изјава на лидерите на Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Полска, Финска и Европската комисија гласи: „Споделуваме убедување дека дипломатското решение мора да ги заштити основните безбедносни интереси на Украина и Европа“.

„Се согласуваме дека овие основни интереси вклучуваат потреба од силни и веродостојни безбедносни гаранции што ќе ѝ овозможат на Украина ефикасно да го брани својот суверенитет и територијален интегритет. Правото на Украина на самоопределување. Украина има слобода да ја избере својата судбина. Смислени преговори можат да се одвиваат само во контекст на прекин на огнот или намалување на непријателствата. Патот кон мирот во Украина не може да се одлучи без Украина. Остануваме посветени на принципот дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила. Сегашната линија на контакт треба да биде почетна точка за преговори“, се вели во заедничката изјава потпишана од Макрон, Мелони, Мерц, Стармер, Стаб, Туск и Фон дер Лајен.


Изјавата дојде еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да разговараат за завршување на војната во Украина. Трамп планира да се сретне со Путин во Алјаска на 15 август. Тој вели дека страните, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски, се блиску до постигнување договор што би можел да го заврши конфликтот.

ИЗДВОЕНИ