Европските компании ја напуштаат Македонија и заминуваат во Виетнам, Бангладеш…

30

Македонската текстилна индустрија ја загуби својата конкурентска способност во однос на земјите од Далечниот Исток. Очекуваме потешка година за овој сектор, е оцената на Ангел Димитров од Организацијата на работодавачите, воедно и менаџер на текстилна фабрика во Свети Николе. Тој посочува дека странските партнери, поради ниските трошоци, го имаат префрлено своето производство во Бангладеш и во други земји на Далечниот Исток, а во нашата земја останале да ги работат само помалите и брзи налози, односно нарачки.

– Не остана европски бренд што не замина во Виетнам, Бангладеш или во Мјанмар. Сите поголеми налози се шијат таму, каде што е платата 150 долари и се многу поевтини од нас, иако продуктивноста на македонските работници е повисока за 30 отсто, но платите им се повисоки за 300 проценти – изјави Димитров.

Тој додаде дека е потребна помош од државата за текстилната индустрија. Свесни се дека државата не може да помогне во делот на субвенционирањето на придонесите на работниците, но како барање до Владата и на Економско-социјалниот совет ќе биде презентирано повторно да се врати пазарот на девизи.

– Евентуално би помогнало некое мало решение кога би се пуштил пазарот на девизи во Македонија за ние сами да си ги продаваме девизите, а не банките да ни ги земаат по некој официјален курс, со што заработуваат од продажбата на девизи. Такво решение имаше пред десет-петнаесет години, не знам зошто се укина – посочи Димитров.

Тој истакна дека и натаму се бележи пад на бројот на вработени во текстилната и во кожарската индустрија, каде што, според неговите процени, останале да работат приближно 20.000 работници.

ИЗДВОЕНИ