Европскиот суд на правдата пресуди: Домашните миленици се сметаат за дел од багажот

81
Фото:пекселс

Европскиот суд на правдата пресуди дека домашните миленици се сметаат за дел од багажот во авионот, пренесе „Танјуг“’.

Ова им ја одзема на нивните сопственици можноста да бараат надомест доколку нивните домашни миленици се изгубат за време на меѓународни летови.

Одлуката на судот на ЕУ следеше по случај во кој куче избегало од својот превозник на аеродромот во Буенос Аирес во 2019 година и никогаш не било пронајдено, а неговиот сопственик побарал надомест од 5.000 евра од авиокомпанијата Иберија, објави „Политико“ од Брисел.

Компанијата призна дека кучето е изгубено, но тврдеше дека нејзината одговорност е ограничена со правилата на ЕУ за чекиран багаж.

Судот на правдата на ЕУ пресуди дека Монтреалската конвенција од 1999 година, која ја регулира одговорноста на авиокомпаниите за багаж, се однесува на сите предмети багаж на авионот, вклучително и домашните миленици.

Како што се нагласува во пресудата, авиокомпаниите не се обврзани да платат надомест што ја надминува горната граница на надомест утврдена со Монтреалската конвенција, освен ако патникот не изрази посебен интерес за некој дел од багажот.

Судот заклучува дека домашните миленици не се ослободени од концептот на багаж. И покрај фактот дека вообичаеното значење на терминот се однесува на предмети, самиот овој факт не води до заклучок дека домашните миленици не се дел од тој концепт, се наведува во одлуката.

Според „Политико“, оваа пресуда ја потврдува сегашната регулаторна рамка што ја ограничува одговорноста на авиокомпаниите за изгубени домашни миленици, освен ако патниците тоа конкретно не го побараат.

За авиокомпаниите во Европа, оваа пресуда носи правна сигурност и ги штити од повисоки барања за надомест на штета.

Одлуката на Судот на ЕУ им дава насоки на националните судови во балансирањето на меѓународните прописи за воздушен транспорт со европските стандарди за благосостојба на животните, објавува „Политико“.

ИЗДВОЕНИ