Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ти-Џеј Шортс, е пред преселба во редовите на грчки Панатинаикос, барем според зборовите на тренерот на „зелените“, Ергин Атаман.
Шортс имаше блескава сезона во Евролига со тимот на Париз, а тоа беше јасна препорака дека за него ќе загризаат големите европски гиганти. Прво имаше понуда од неколку НБА тимови, потоа и од Барселона, но Американецот со македонски пасош експресно ги одби. Но, сега е време за ново поглавје…
Имено, Атаман се врати во Турција откако сезоната на неговиот тим заврши без да ги одбрани титулите во Евролига и грчкото првенство. Тој беше гостин во емисијата на „ХТ Спор“ и зборуваше за сезоната, а воедно откри дека Ти-Џеј Шортс е воедно потпишан, иако нема официјална потврда за тоа.
- Го потпишавме Ти-Џеј Шортс, кој имаше одлична сезона. Лоренцо Браун има уште една година од договорот, но не знам дали ќе остане. Не можевме да му ја дадеме минутажата што ја сакаше. Не сме сигурни како ќе се врати Матијас Лесор, не знаеме дали ќе може да игра на исто ниво. Бараме центар кој ќе го поддржува. Василије Мициќ сака да се врати, но не можеме да го доведеме.
Претходните две сезони покажаа дека Панатинаикос нема проблем со ангажирање скапи играчи, бидејќи играчите пристигнуваа на барање на Ергин Атаман како ролеркостер. Понекогаш се чинеше дека има премногу добри опции на одредени позиции, и речиси сигурно ќе биде така и следната сезона, бидејќи ќе имаат најмалку четворица врвни кошаркари само меѓу бековите – Шортс, Нан, Слукас и Грант.
Инаку, Шортс беше еден од најзаслужните што тимот на Париз играше во плејинот во Евролига, каде беше сопрен од Фенербахче, кој подоцна стана и шампион во ова натпреварување. Сега, македонскиот репрезентативец се очекува да биде големо засилување за европскиот шампион од 2024 година.