Европскиот парламент в четврток ќе гласа за доверба на Европската комисија на чело со Урсула фон дер Лајен

54

За в четврток следната недела Европскиот парламент закажа седница на која ќе се гласа за доверба на Европската комисија на чело со претседателката Урсула фон дер Лајен. Претседателката на Парламентот, Роберта Мецола, денеска ги информирала лидерите на парламентарните групи за ова, јавува агенцијата ДПА. Гласањето за доверба ќе се одржи по иницијатива на романскиот конзервативен претставник Георге Пипереа.

Во документ од две страници, Комисијата е обвинета за нетранспарентност и за лошо управување, особено во текот на пандемијата на коронавирусот. За да се спроведе гласањето, беа потребни потписи од една десеттина од вкупниот број претставници, односно 72 од нив.

Малку е веројатно дека ќе ѝ биде изгласана недоверба на Комисијата, бидејќи тоа бара двојно мнозинство, што значи за тоа да се изјаснат две третини од поднесените гласови и мнозинство од 720 претставници. По минатогодишните европски избори, Комисијата доби поддршка од 370 од вкупно 688 гласа.

Како причина за повикот за разрешување на Комисијата се наведува одбивањето да се објават текстуалните пораки помеѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на фармацевтската компанија „Фајзер“. Судот на правдата на Европската Унија неодамна пресуди за тој случај дека Комисијата сè уште не обезбедила доволно правно оправдување за изоставување на тие информации.

Како што објави претходно „Њујорк тајмс“, личниот контакт помеѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, бил клучен за постигнување договор за купување на вакцините вредни повеќе милијарди евра, во екот на пандемијата. ЕК е критикувана и за неискористените вакцини против коронавирусот, вредни околу четири милијарди евра.

ИЗДВОЕНИ