Европскиот парламент ги оневозможи функциите за вештачка интелигенција на официјалните уреди на европратениците и персоналот поради загриженост за сајбер безбедноста и заштитата на податоците. Одлуката беше објавена во интерен е-мејл испратен во понеделник, кој го виде „Полирико“, објави „Политико“.
Во е-поштата испратена до членовите се наведува дека „вградените функции за вештачка интелигенција“ се оневозможени на официјалните таблети откако ИТ-службата процени дека не може да ја гарантира безбедноста на податоците што ги користат овие алатки. Службата за техничка поддршка на Парламентот ги објасни причините за одлуката.
„Некои од овие функции користат cloud услуги за задачи што инаку би можеле да се извршат локално, што испраќа податоци надвор од уредот“, се наведува во е-мејлот.
„Бидејќи овие функции продолжуваат да се развиваат и да стануваат достапни на повеќе уреди, сè уште ја проценуваме точната количина на податоци што се споделуваат со давателите на услуги. Додека ова не се разјасни целосно, сметаме дека е побезбедно да се држат таквите функции исклучени.“
Построги безбедносни правила
Европската унија ги заостри своите правила за безбедност на податоците во последниве години, делумно поради загриженоста за странските добавувачи на технологија. Во ноември минатата година, група претставници го повикаа Парламентот да се откаже од внатрешната употреба на софтверот на Microsoft во корист на европска алтернатива.
Во 2023 година, институцијата, исто така, ја забрани употребата на социјалната мрежа „ТикТок“ на службените уреди и им препорача на претставниците да ја избришат од своите телефони.
Кои функции се исклучени?
Најновата мерка се однесува на вградените функции како што се асистенти за пишување и сумирање текст, напредни виртуелни асистенти и креирање резимеа на интернет страници на таблети и телефони, објасни претставникот на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен.
Е-поштата до европратениците нагласи дека апликациите, е-поштата, календарите, документите и другите алатки за секојдневна работа не се засегнати од одлуката.
Официјален став
Во писмен одговор до „Политико“, прес-службата на Европскиот парламент соопшти дека „постојано ги следи сајбер заканите и брзо ги спроведува потребните мерки за нивно спречување“, но одби да коментира за специфични безбедносни прашања поради нивната „чувствителна природа“.
Парламентот, исто така, не разјасни кои функции се оневозможени или на кои оперативни системи работат службените уреди. Во е-поштата се повикуваат европратениците да „размислат за спроведување слични мерки на претпазливост“ на нивните приватни уреди, особено на оние што ги користат за работа.
Им се советува да избегнуваат изложување на службени е-пошти, документи или внатрешни информации на „функции на вештачка интелигенција што скенираат или анализираат содржина“, да бидат „претпазливи“ со апликации од трети страни и да „избегнуваат давање широк пристап до податоци“.












