Европратениците вчера гласаа за измена на законите што даваат пошироки овластувања за депортирање на баратели на азил, вклучително и можноста за нивно испраќање во земји што никогаш не ги посетиле, приближувајќи се кон воспоставување центри за мигранти и баратели на азил надвор од територијата на Европската Унија (ЕУ), но само ако постои договор помеѓу земја-членка на ЕУ и земјата примател.
На посебно гласање, европратениците, исто така, го поддржаа создавањето список на ЕУ на „безбедни трети земји“, што значи дека барањата за азил од тие земји ќе бидат обработени по брза постапка, со помала веројатност за одобрување.
Според новите правила, кои се очекува да бидат спроведени во јуни и поддржани од централно-десничарските и крајно-десничарските европратеници, барателот на азил би можел да биде депортиран во земја надвор од ЕУ дури и ако само поминал низ неа или нема врски со неа, објавува „Гардијан“.
Како што објаснува британскиот весник, оваа одлука ефикасно го потврдува договорот на Италија со Албанија, како и договорот на холандската влада со Уганда за депортација на луѓе на кои им е одбиен азил во Холандија.
Листата на „безбедни трети земји“ ги вклучува сите земји-кандидатки за ЕУ, вклучувајќи ги Грузија и Турција, но исто така и Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Мароко и Тунис.
Коалиција од 39 невладини организации изјави дека прогласувањето на Тунис за „безбедна земја“ им го одзема на нејзините граѓани правото на индивидуална и фер проценка на нивните барања за азил.
Италијанскиот европратеник Алесандро Циријани, кој ја водеше работата на ЕП на листата на безбедни земји, рече дека усвоените мерки претставуваат „почеток на нова фаза“ во која миграцијата „веќе не се толерира, туку се управува“.
Европската унија ги заострува правилата за азил од мигрантската криза во 2015 година, кога повеќе од 1,3 милиони луѓе побараа азил, тренд кој дополнително се забрза со подемот на националистичките и крајно десничарските партии на изборите во 2024 година.
Застапниците на новите мерки тврдат дека тие го поткопуваат бизнис моделот на шверцерите на луѓе, додека хуманитарните организации предупредуваат дека тие би можеле да доведат до присилно враќање на луѓето во земји каде што немаат заштита.
Меѓународниот комитет за спасување (IRC) ја опиша одлуката на Европскиот парламент како „длабоко разочарувачка“, предупредувајќи на ризикот од злоупотреба и кршење на правата на мигрантите, пренесува Танјуг.












