Европскиот парламент поддржа измени на Механизмот на ЕУ за суспензија на визите со кои се олеснува процедурата за укинување на безвизниот режим за патување во Унијата за граѓани на држави кои претставуваат ризик по безбедноста или ги прекршуваат човековите права.
Механизмот на ЕУ за суспензија на визите вклучува 61 земја, меѓу кои и Македонија, чии жители можат да патуваат во земјите од Шенген-зоната без виза за престој до 90 дена. Со модификациите изгласани во вторникот, Европската комисија добива можност повторно да воведе визен режим за одредена земја од безбедносни причини, како што се закани по внатрешната безбедност, вклучително и пораст на сериозни кривични дела извршени од граѓани на засегнатата земја, како и значително зголемување на бројот на барања за азил или прекршувања на правилата за престој од страна на нејзините граѓани. Исто така, воведени се и нови причини за суспензија на безвизниот режим, како што се хибридни закани, инструментализација на мигранти, постоење шеми за издавање државјанства на инвеститори кои би можеле да предизвикаат безбедносни проблеми, неусогласеност со визната политика на ЕУ, кршење на човековите права или хуманитарното право, како и непочитување на одлуки на меѓународните судови. Дополнително, на ЕУ и се дава можност за суспензија на безвизниот режим за владини службеници или лица одговорни за кршење на човековите права или за други прекршувања од страна на властите.
Одлуката за суспензија на визниот режим е привремена, но може да стане трајна ако во даден временски период не се отстранат причините за нејзино воведување. Измените на Механизмот за суспензија на визите ќе стапат во сила ако ги одобри и од Советот на ЕУ и тоа во рок од 20 дена по објавувањето во Службениот весник на Европската Унија.