среда, февруари 11, 2026
Дома СВЕТ Европскиот парламент ги менува правилата: Мигрантите од ЕУ што нема да добијат...

Европскиот парламент ги менува правилата: Мигрантите од ЕУ што нема да добијат азил, ќе се испраќаат и во земји со кои немаат никаква врска

427

Бангладеш, Колумбија, Египет, Косово, Индија, Мароко и Тунис се на листата на безбедни земји на потекло, која редовно ќе се ревидира. На граѓаните на тие земји ќе им биде потешко да остварат право на азил во земјите членки на ЕУ, а нивното враќање на Унијата ќе ѝ биде полесно и поедноставно. Земјите кандидати за членство во ЕУ, исто така, ќе се сметаат за безбедни земји на потекло, освен ако релевантните околности, како што е неселективно насилство во контекст на вооружен конфликт, не укажуваат поинаку. Исклучок ќе има во случаи кога стапката на доделување азил на лица од таа земја на ниво на ЕУ е поголема од 20 проценти

 

Европскиот парламент, во вторникот, поддржа измена на концептот за безбедна трета земја, што ќе им овозможи на членките на ЕУ да ги префрлаат мигрантите во земја со која тие немаат никаква врска. Дадена е поддршка на списокот на список на безбедни земји на потекло на ниво на Унијата. Овие новини добија голема поддршка од народните партии и од крајната десница, а против беа социјалистите и демократите, либералите и зелените.

Во декември, преговарачите на Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа привремен политички договор за регулатива што го ревидира концептот на безбедна трета земја и овозможува трансфер на мигранти во земја со која тие немаат никаква врска, и првиот договор за список на безбедни земји на потекло, пишува „Вечерњи лист“.

Сега останува уште Советот формално да ги потврди двете новини.

Според претходните правила, беше потребно да се докаже дека постои врска помеѓу подносителот на барањето и безбедна трета земја, на пример, дека има роднини во таа земја, дека работел или студирал таму. Сега утврдувањето на таа врска веќе не е задолжително, што ќе овозможи побрзо враќање на мигрантите. Сега, и транзитот низ трета земја, преку која мигрантот дошол во ЕУ, може да се смета за доволна врска за примена на концептот на безбедна трета земја. Ако не може да се воспостави врска или транзит, концептот сè уште може да се примени по договор со трета земја.

Бангладеш, Колумбија, Египет, Косово, Индија, Мароко и Тунис се на листата на безбедни земји на потекло, која редовно ќе се ревидира. На граѓаните на тие земји ќе им биде потешко да остварат право на азил во земјите членки на ЕУ, а нивното враќање на Унијата ќе ѝ биде полесно и поедноставно. Иако веќе постоеја национални листи на безбедни земји на потекло, досега немаше хармонизирана листа на ниво на ЕУ. Земјите кандидати за членство во ЕУ, исто така, ќе се сметаат за безбедни земји на потекло, освен ако релевантните околности, како што е неселективно насилство во контекст на вооружен конфликт, не укажуваат поинаку. Исклучок ќе има во случаи кога стапката на доделување азил на лица од таа земја на ниво на ЕУ е поголема од 20 проценти.

Комисијата ќе ја следи ситуацијата во земјите на листата и во земјите кандидати, па ќе реагира доколку околностите се променат и ќе може привремено да одлучи дека земјата не е безбедна.

Поднесувачите на овие предлози оценуваат дека преку нив ќе се овозможи побрзо и поефикасно отфрлање на очигледно неоснованите барања за азил, со што во иднина ќе се забрзаат процедурите за азил, ќе се растоварат системите на земјите членки и ќе им се помогне на барателите на азил да не бидат во правна неизвесност со години.

Европратениците од левичарските клубови, од друга страна, предупредуваат дека со ваквите измени се крши правото на азил, што е загарантирано човеково право. Тие велат дека статусот на безбедна трета земја ќе им овозможи на земјите членки на ЕУ да одбијат барање за азил ако подносителот на барањето може да добие ефикасна заштита во земја што се смета за безбедна.

ИЗДВОЕНИ