Во рамките на третото издание на изложбата „Професори и студенти“, која беше отворена завчеравечер во МКЦ, професорите и студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје се претставија со дела креирани во различни уметнички медиуми и дисциплини, вклучувајќи масло и акрилик, цртеж, скулптура, дигитални медиуми, моден и внатрешен дизајн, фотографија и инсталација… Пред присутните, тие понудија слика на различните академски програми што ги нуди Факултетот и го покажаа менторскиот однос помеѓу професорот и студентот. Секој од нив, како уметник и дизајнер, понуди своја лична визија
Со визуелно атрактивна и авангардна уметност, професорите и студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, завчеравечер во галеријата на Младинскиот културен центар, се претставија пред јавноста. Во рамките на третото издание на изложбата „Професори и студенти“, која ќе биде отворена до 30 јуни, тие се претставуваат со дела креирани во различни уметнички медиуми и дисциплини, вклучувајќи масло и акрилик, цртеж, скулптура, дигитални медиуми, моден и внатрешен дизајн, фотографија и инсталација… Пред присутните, тие понудија слика на различните академски програми што ги нудат и го покажаа менторскиот однос помеѓу професорот и студентот. Секој од нив, како уметник и дизајнер, понуди своја лична визија во однос на дискурсите што ја дефинираат современата уметност.
Со свои дела на изложбата се претставија: проф. д-р Гордана Вренцоска со студентите Ана Камчева и Петар Новковски; проф. д-р Јана Манева-Чупоска со Елена Стојанова и Ана-Марија Матх; проф. м-р Благојче Наумоски со Меланија Стојанова и Исабелле Спасевска; проф. м-р Страхил Петровски со Петар Паунов и Стефанија Владева; aсс. м-р Славица Танеска со Евгенија Далческа и Меланија Јанковиќ, како и надв. соработници м-р Александар Рашковиќ со Марија Роглева и Ангела Трајковска и м-р Ана Трајковска со Анет Вртеска.
Деканот на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, проф. м-р Благојче Наумоски, изјави за самата изложба, како и за делата од студентите, дека ова е трета година по ред Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет да учествува на изложбата „Професори и студенти“ во МКЦ, каде што е евидентен спојот на искуството и новата енергија помеѓу професорите и студентите – генерации што се надополнуваат и инспирираат.
– Горди сме, како факултет, што сме дел од оваа изложба, која ги промовира уметничките дијалози помеѓу професорите и нивните студенти – вели проф. м-р Наумоски.
За разновидноста во техниките што се употребени зборуваат и самите дела кои беа претставени на изложбата, а секое од нив поединечно привлече внимание, особено кај помладата публика, но и кај стручната фела.
Така професорката Манева-Чупоска се претстави со акрил на картон-асамблаж насловен „Прашај било што“, студентката Елена Стојанова со акрил на картон „Црвено сведоштво 1“ и „Црвено сведоштво 2“, додека Ана-Марија Матх со енформел, со делата насловени „Хаос со Х“ и „Без наслов“.
Проф. м-р Благојче Наумоски, пак, ги претстави своите две слики „Бруталист акт 0.4“ и „Бруталист акт 0.5“ – акрил на платно, додека студентките Меланија Стојанова со „Историја во слоеви – Костурница“, дигитална графика, и Исабелле Спасевска со постерите наловени „Лет МС025“, 2025 и „Скршено време“ беа дел од претставувањето. Проф. д-р Гордана Вренцоска, во областа на визуелната уметност и дизајнот, ги изложи своите дела „Армагедон во боја“ и „Духот на килимот“, двата во техниката дигитален печат. Студентката Ана Камчева, која работеше под нејзино менторство, ги прикажа дигиталните илустрации од модната колекција „Гуна“, додека студентот Петар Новковски се претстави со цртеж со рапитограф – „Лицата на македонскиот фолклоризам“.
Делото „Фемина“ – дизајн на платно на проф. м-р Страхил Петровски – беше претставено со делата на студентите Стефанија Владева (фотографија „Треперења“) и Петар Паунов (фотографија „Сенки“).
Надворешниот соработник Ана Трајкоска изработи заедничко дело со студентката Анет Вртеска, „Хиерархија на слободата“ (концепт скица за каталог), инсталација во варијабилни димензии, линорез на хартија, асс. м-р Славица Танеска се претстави со две дела – „Ноќно танго“, цртеж на црна хартија, и „Лик“, цртеж на хартија, додека Евгенија Далческа со делата „Змеј“ и „Математичка уметност“ – цртеж на црна хартија, а студентот Матеја Јанковиќ со цртеж на хартија насловен „Соња“ 2025.
Исто така, беше впечатлива и креацијата на авангарден модел на м-р Александар Рашковиќ – „Рапсодија во црно“ (текстил неопрен) со брановидни форми, при што основата е изработена машински, а сè друго рачно. Инспирацијата, како што ни посочи Рашковиќ, била дали можеме со црното да доловиме сјај на една месечина и дали со црно на црно можеме да правиме декорации што би биле впечатливи и забележителни. Студентката Марија Роглева изработи авангардна шапка од ист материјал, додека Ангела Трајковска, како што посочи и професорот Рашковиќ, се претстави со дизајн на маичка на која е аплициран портрет на жена, изработен во техниката рачно везење со пачворд елементи.
Инаку, учесници на изложбата се повеќе од 50 професори и студенти од осум важни високообразовни институции во Македонија.
(Д.Т.) Фото: П. Стојановски