Европската комисија одобрува значаен финансиски пакет од 171 милион евра наменет за забрзување на инфраструктурниот развој и поттикнување на растот на приватниот сектор во земјите од Западен Балкан, меѓу кои и за Македонија. Поддршката доаѓа како дел од пошироката стратегија на ЕУ за економско приближување на регионот кон Унијата и претставува конкретна фаза во спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.

Од вкупниот износ, 94,7 милиони евра се наменети за инфраструктурни инвестиции, 76,3 милиони евра за поддршка на приватниот сектор, додека 2,9 милиони евра се определени за техничка помош преку четири проекти во Албанија и во БиХ. Според ЕК, овие средства треба да мобилизираат вкупно 263 милиони евра инвестиции преку седум проекти во приоритетни области како што се дигитализацијата, чистата енергија, човечкиот капитал, сообраќајот и заштитата на животната средина.

Во рамките на овој пакет, Македонија добива директно значајно учество преку два капитални проекти, кои имаат и економско и долгорочно социјално влијание.

Првиот проект се однесува на унапредување на системот за пренос на електрична енергија, кој е препознаен како еден од клучните предуслови за енергетска стабилност и интеграција на обновливите извори. Проектот предвидува изградба на нови трансформатори и приклучоци, реконструкција на постојните преносни водови, како и зголемување на капацитетот на системот до околу 1.170 мегавати. Очекувањата се дека ваквото унапредување ќе ја зајакне безбедноста на снабдувањето со електрична енергија, ќе го намали јаглеродниот отпечаток и ќе создаде услови за нови приватни инвестиции во зелена енергија.

Вториот значаен сегмент е изградба и енергетски ефикасна обнова на образовните објекти. Станува збор за реконструкција и за нови објекти со современи енергетски стандарди, што ќе значи пониска потрошувачка на енергија, подобрени услови за учење и работа, како и повисоко ниво на комфор и безбедност. Освен економски, овој проект носи и силна социјална димензија – директно вложување во квалитетот на образованието и идните генерации.

Проектите во Македонија сега влегуваат во подготвителна фаза, која вклучува финализирање на договорите со националните институции, изработка на студии за изводливост, како и спроведување на социјални и еколошки процени, по што ќе следуваат тендерските и градежните активности.

Како што наведуваат од ЕК, проектите ќе ги спроведуваат партнерите од земјите на Западен Балкан, во соработка со меѓународни финансиски институции, што дополнително треба да обезбеди транспарентност, ефикасност и долгорочна одржливост. Европската комесарка за проширување, Марта Кос, нагласува дека ваквите вложувања се суштински дел од европската политика кон регионот.

– Вложувањето во нашите партнери на Западен Балкан е клучно за нивното приближување кон ЕУ. Повеќе од две години по усвојувањето на Планот за раст за Западен Балкан, работевме, вклучително и преку инвестициската рамка за Западен Балкан, на претворање на обврските во конкретни дела. Од унапредување на инфраструктурата до зајакнување на развојот на бизнисот, овие вложувања создаваат реални можности за граѓаните и ја прават ЕУ опиплива реалност низ целиот регион – вели комесарката Кос.

Со овој финансиски пакет, ЕК испраќа јасна порака дека европската поддршка не останува само на политичко или декларативно ниво. Напротив, станува збор за конкретни инвестиции во енергетската сигурност, образованието и економскиот развој, кои директно може да ги подобрат квалитетот на животот и конкурентноста на економијата во Македонија и во поширокиот регион.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ