Финскиот главен град, Хелсинки, минатата година не регистрираше смртни случаи во сообраќајот, достигнување што може да се припише на голем број фактори, при што ограничувањата на брзината се едни од најважните, изјави Рони Утриаинен, сообраќаен инженер во Одделот за урбана средина на градот.
Повикувајќи се на податоци кои покажуваат дека ризикот од смртни случаи кај пешаците се преполови со намалување на брзината на автомобилот при судир од 40 на 30 километри на час, градските власти на Хелсинки воведоа пониско ограничување на брзината во повеќето станбени области на Хелсинки и центарот на градот во 2021 година, објави Политико.
Ограничувањата беа спроведени со 70 нови камери за брзина и стратегија за полициско работење заснована на националната политика „Визија Нула“, која има за цел да постигне нула повреди или смртни случаи во сообраќајот.
Податоците собрани од Финската агенција за безбедност на сообраќајот Лиикеннетурва покажуваат дека бројот на смртни случаи во Хелсинки оттогаш опаѓа.
Властите во Хелсинки се обидуваат во последните пет години да го повторат чудото што првпат го постигнаа во 2019 година, кога ниту еден пешак или велосипедист не загина во сообраќајни несреќи.
Иако бројот на смртни случаи во сообраќајни несреќи се намалува низ Европската Унија, со намалување од три проценти во 2024 година, несреќите со трагични исходи се уште се чести во урбаните средини.
Во 2023 година, 7.807 Европејци ги загубија животите во сообраќајни несреќи во градовите на ЕУ.
Во Берлин, 55 лица загинаа во сообраќајни несреќи минатата година, а девет лица ги загубија животите во судири во регионот на Брисел во текот на изминатите 12 месеци.
Иако Хелсинки е меѓу најмалите главни градови на ЕУ, со нешто помалку од 690.000 жители, околу 1,5 милиони луѓе живеат во метрополитенската област и патуваат низ регионот.