Европската Унија ги отвора вратите за Молдавија, која е две години во нејзината чекалница

73

Жестоката проруска кампања и обидите да се дестабилизира земјата не ги поколебаа молдавските гласачи. Прорускиот блок на поранешниот претседател Игор Додон загуби на парламентарните избори што се одржаа во неделата, а победата ја однесе проевропската Партија на акција и солидарност (ПАС) на претседателката Маја Санду, која е на власт од 2021 година. Со освоени 50,03 проценти од гласовите, ПАС би можела да го задржи апсолутното мнозинство со 55 од вкупно 101 место. Ова е малку послаб резултат отколку на претходните избори, кога обезбеди 63 пратеници, но, сепак, е над очекувањата за овие избори.

Прорускиот Патриотски блок доби 24,26 проценти поддршка од гласачите, потврди молдавската Централна изборна комисија, иако уште пред да почне објавувањето на резултатите, Додон прогласи победа, а потоа повика на протести пред Парламентот.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, уште веднаш, на својот профил на социјалните мрежи, ја пофали европската посветеност на земјата.

– Молдавија повторно успеа. Ниту еден обид за ширење страв или поделба не можеше да ја скрши вашата решителност. Јасно го изразивте вашиот избор: Европа. Демократија. Слобода. Нашите врати се отворени и ние ќе стоиме покрај вас на секој чекор. Иднината е твоја – рече Фон дер Лајен во соопштението на „Икс“.

Честитаа и шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, и претседателот на Европскиот парламент, Антонио Кошта.

Овие избори беа пресудни за иднината на Молдавија. Прорускиот блок на Додон загуби и покрај обвинувањата дека Москва истура милиони евра за ширење дезинформации и за организирање нереди. Неколку партии дури беа исклучени од изборите поради поткуп и перење пари. Опозициските сили и критичарите предупредуваат дека сериозно е поткопан изборниот процес. Најчесто споменуван инструмент за мешање беше купувањето гласови преку апликации за трансфер на пари. Од друга страна, поддршката од ЕУ беше очигледна. Европските лидери ја посетија Санду, воведоа санкции кон проруските политичари и најавија пакет од 1,9 милијарди евра за инфраструктурата и за енергетиката. Клучен удар беше екстрадицијата на олигархот Влад Плахотњук само неколку дена пред изборите, како потсетување на борбата против корупцијата, која е во центарот на политиката на Санду.

Овој изборен успех го зацврстува патот на Молдавија кон членство во ЕУ, можеби дури и пред Украина, која е блокирана од Унгарија. Победата е значајна и за Киев, кој добива сигурен проевропски сосед на запад. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Русија „не успеа да ја дестабилизира Молдавија, иако инвестираше огромни ресурси“.

– Руското субверзивно влијание нема да се прошири понатаму во Европа – додаде Зеленски во своето обраќање на безбедносниот форум во Варшава.

За Брисел, Молдавија сега останува клучен сојузник во регионот и реален кандидат за проширување на Унијата во оваа деценија. Оваа сиромашна држава со околу 2,4 милиони жители, сместена меѓу членките на ЕУ – Украина и Романија е кандидат за ЕУ од 2022 година.

ИЗДВОЕНИ