Европската недела на спортот 2025 финишира во Охрид

10

Охрид денеска, 27 септември, ќе биде домаќин на вистински спортски спектакл – завршна манифестација со која ќе биде затворена Европската недела на спортот 2025, недела исполнета со енергија, движење и спортски дух.

Овој проект го спроведува Министерството за спорт во рамките на најголемата европска иницијатива за промоција на спортот и физичката активност – European Week of Sport (EWoS) која годинава одбележува 10-годишен јубилеј.

На настанот што ќе се одржи на Кејот Македонија, со почеток во 13 часот, охриѓани имаат можност да уживаат во единствено искуство кое ги спојува спортот и забавата.

Во рамките на овој спортски спектакл ќе се одржат натпревари во ракомет, кошарка, фудбал, одбојка, карате, таеквондо, стрелаштво, ќе има фитнес зона и уште многу забавни активности проследени со музика и вечерна програма.

На денешниот настан му претходеше вториот блок активности од Европската недела на спортот што се одржаа вчера на платото на Средно Водно во Скопје. Програмата опфати различни игри и вежби на отворено, bodyweight тренинг зона, зона за истегнување и релаксација, натпревари во баскет и фудбал 3х3 и рекреативно искачување до врвот на Водно.

Европската недела на спортот (EWoS) е иницијатива на Европската комисија со цел да ја поттикне физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај граѓаните од сите возрасти.

ИЗДВОЕНИ