Европската комисија го одложи претставувањето на следниот пакет санкции против Русија, соопштија во вторник претставници на ЕУ, додека блокот бара одговор на барањето од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за забрзување на прекинот на купувањето руска нафта и гас.
Комисијата утре требаше да им го претстави 19-тиот пакет санкции на амбасадорите на 27-те земји-членки на ЕУ. Пакетот вклучува санкции против руските банки, таканаречената „сива флота“ што ги избегнува санкциите, и дополнителни мерки против заобиколување на санкциите во трети земји. Нов датум за дискусија за пакетот не е одреден.
Во последните денови, американскиот претседател Доналд Трамп го интензивираше притисокот врз Европската Унија да ги намали приходите од енергија за Москва во обид да ја запре војната во Украина.Вашингтон бара ЕУ да воведе високи трговски тарифи за Индија и Кина, најголемите купувачи на руска нафта, и самата да престане да увезува руски енергетски производи.
Европа веќе планира да престане да купува руска нафта и гас до 1 јануари 2028 година, што се смета за амбициозна цел, но е клучно за земјите-членки да не се соочат со нагло зголемување на цените на енергијата или недостиг на снабдување во меѓувреме. Сепак, администрацијата на Трамп бара процесот да се забрза.Европските претставници истакнуваат дека е малку веројатно блокот да воведе високи тарифи за Индија или Кина, бидејќи ги третира тарифите поинаку од санкциите.