Министерката за енергетика Сања Божиновска оствари работна средба со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Грут, кој ја надгледува активноста на банката во Западен Балкан, вклучително и Македонија. Средбата се одржа во рамките на посетата на потпретседателот Де Грут на земјава, при што тој ја потврди својата поддршка за развојот на стратешки проекти во енергетскиот сектор.
Министерката и потпретседателот на ЕИБ на средбата разменија мислења за идните проекти и иницијативи кои банката може да ги поддржи во државава, со посебен фокус на енергетската транзиција, модернизацијата на електроенергетската инфраструктура и зголемувањето на енергетската ефикасност.
– Беа разгледани можностите за комбинирана финансиска, техничка и експертска поддршка, која ќе овозможи побрза подготовка и реализација на проекти со висок приоритет. Особено внимание беше посветено на поддршката на иницијативи за поддршка за проекти поврзани со трафостаници и електроенергетска инфраструктура, со користење флексибилни модели на финансирање. Подготвеност за вклучување во активности поврзани со РЕК Битола, особено во делот на енергетска транзиција, модернизација и зголемување на ефикасноста на производствените процеси. ЕИБ располага со експерти за енергетска ефикасност и развиени програми во оваа област, спроведени во други земји. Понудена е експертиза и поддршка во дизајнирање и имплементација на слични програми на национално ниво – информира Министерството за енергетика.
Потпретседателот Де Грут истакна дека ЕИБ е подготвена да обезбеди не само финансиска поддршка, туку и експертиза за развој на програми за енергетска ефикасност и инфраструктурни проекти, со цел да се зајакне националниот потенцијал и да се унапреди одржливиот развој.
Министерката Божиновска, се додава во соопштението, нагласи дека Македонија ја цени соработката со ЕИБ, која ќе придонесе за забрзување на реализирањето на клучни проекти во енергетскиот сектор и зајакнување на енергетската независност и одржливост на земјата.
– Од страна на банката беше изразена силна заинтересираност за воспоставување поинтензивна соработка и поддршка на нови иницијативи во различни сектори – наведува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.












