„Европол“: Разбиена e руска мрежа на платеници, меѓу 654 од нив има и државјани на БиХ

35

„Европол“ ја поддржа втората фаза од заедничката истрага на молдавската и украинската полиција против руски платеници осомничени за учество во воени злосторства во Украина, објави Европската агенција за полициска соработка.

Истрагата, предводена од меѓународниот тим за криминал на „Европол“, идентификуваше 654 членови на руските приватни воени групи Вагнер и Редут кои учествуваа во борбени операции против Украина, соопшти „Европол“.

Според извештаите, меѓу осомничените има државјани на Украина, Молдавија, Казахстан, Узбекистан, Таџикистан, Туркменистан, Азербејџан, Ерменија и Босна и Херцеговина.

Сите се обвинети за воени злосторства како што се сексуално насилство, егзекуции на воени затвореници и цивили.

За време на операцијата, која беше спроведена на 29 октомври, полицијата спроведе 70 претреси на куќи во Молдавија и Украина и заплени оружје, муниција, воени униформи, ознаки на Вагнер и електронска опрема.

Собрани се видео снимки и фотографии што укажуваат на учество на молдавски и украински државјани во борбите во Украина и Демократска Република Конго како дел од овие руски паравоени формации, соопшти „Европол“.

Украинските власти споделија 280 имиња на странски државјани осомничени за учество во борбите преку безбедните канали на „Европол“.

Од почетокот на истрагата, според Европол, откриени се кампови за обука и регрутирање, мапирани се командни структури и документирани се бројни воени злосторства – егзекуции на цивили, употреба на забрането оружје и напади врз украински градови.

Досега, 11 украински државјани се обвинети за велепредавство за приклучување кон групите Вагнер и Редут.

Покрај аналитичката и техничката поддршка, „Европол“ воспостави виртуелен команден центар за да ја олесни комуникацијата меѓу вклучените земји и да ги спореди оперативните податоци во реално време со сопствените бази на податоци и отворени извори, соопшти агенцијата.

Агенцијата нагласи дека продолжува тесно да соработува со Украина и Молдавија според оперативните договори потпишани во 2014 и 2016 година, кои овозможуваат размена на информации и координација на прекуграничните истраги.

„Целта е да се нарушат мрежите што ја загрозуваат безбедноста на Европската Унија и нејзините соседи“, соопшти „Европол“.

ИЗДВОЕНИ