Европските претставници го отфрлија најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп за мировен договор што е од корист за Москва, предупредувајќи дека попуштањето пред Русија само ќе го охрабри Владимир Путин да нападне членка на НАТО, пишува Политико.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, му порача на тимот на Трамп дека нивниот нацрт-договор за прекин на огнот, кој има 28 точки, нема да успее без поддршката на Киев и европските влади. Европа сега е најголемиот донатор на украинската одбрана, нагласува Политико.
Американскиот предлог предизвика тревога во европските престолнини, делумно затоа што тие беа целосно исклучени од неговиот развој, а главно затоа што, како што рече еден европски претставник, „тоа не е ништо повеќе од список на желби на Путин“, наведува Политико.
Според условите на договорот, за кој објавија меѓународните медиуми, Украина ќе биде принудена да ги предаде окупираните делови од источниот дел на земјата, да ја преполови својата армија и да се откаже од дел од своето моќно оружје.
„За да успее кој било мировен план, тој мора да биде поддржан од Украина и мора да биде поддржан од Европа“, изјави Калас пред новинарите во Брисел. „Притисокот мора да биде врз агресорот, а не врз жртвата. Наградувањето на агресијата само ќе доведе до поголема агресија“, рече Калас.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха им рече на европските министри на состанок зад затворени врати во Брисел дека е јасно дека Русија ги диктирала условите на новите предлози.
„Заклучокот е дека кој било мировен план не е изводлив ако се базира на смирување на агресорот“, рече Сибиха, според лице директно запознаено со неговите изјави. „Тоа само би донело повеќе војна и бруталност во Украина и во цела Европа“, додаде тој.
Новиот предлог доаѓа во чувствителен момент во речиси четиригодишната војна. Украина во последните денови претрпе зголемено бомбардирање и жртви на бојното поле, додека Москва наскоро ќе се соочи со последиците од санкциите на Трамп врз најголемите нафтени компании во Русија.












