Европа се вооружува до заби

77
EPA/Jakub Kaczmarczyk POLAND OUT

Франција, Германија и Шпанија повторно ги започнуваат преговорите за заеднички проект за развој на нова генерација борбени авиони, чија вкупна вредност се проценува на повеќе од 100 милијарди евра. Разговорите, кои претходно беа одложени поради политичката криза во Франција, сега продолжуваат на високо ниво, дознава Ројтерс од дипломатски извори.

Според информации од Париз и Берлин, министерски состанок на трите земји е закажан за неделата по 24 ноември, додека германскиот министер за одбрана Борис Писториус ќе се сретне со својата француска колешка Катрин Вотрен во Париз на 17 ноември за да се договорат за понатамошните чекори во рамките на програмата.

Овој проект е клучен дел од европската одбранбена стратегија и има за цел да развие нова генерација борбени авиони (FCAS – Future Combat Air System), кои треба да ги заменат постојните француски Rafale и германски Eurofighter до 2040 година.

Францускиот министер Вотрен нагласи дека е неопходен итен договор, бидејќи сегашните флоти се приближуваат кон крајот на нивниот работен век, додека европските земји сакаат да ја зачуваат стратешката автономија во воената технологија и производство.

Од друга страна, Берлин инсистира конечниот договор да биде потпишан до крајот на годината, со цел да се избегнат дополнителни одложувања и ризици во финансирањето. Проектот, според плановите, би вклучувал и развој на придружни беспилотни летала, системи за електронско војување и мрежно управување.

Програмата FCAS започна пред речиси една деценија, но во претходните фази имаше бројни несогласувања околу поделбата на технолошките права помеѓу француската компанија Dassault Aviation и германската компанија Airbus, што честопати ги забавуваше преговорите.

Доколку се постигне договор до крајот на годината, првите прототип тестови би можеле да започнат веќе во 2028 година, а производството би требало да следи на почетокот на 2035 година.

Се очекува новиот ловец да биде клучен столб на европската воена моќ, со напредни радари, системи за вештачка интелигенција и можност за контрола на формации на беспилотни летала во реално време.

ИЗДВОЕНИ