вторник, февруари 17, 2026
Дома СВЕТ Европа не може да се договори за помош на Украина, но наголемо...

Европа не може да се договори за помош на Украина, но наголемо ја помага војната на Путин

48
epa12742228 A Ukrainian serviceman from an anti-drone mobile fire team prepares to intercept Russian drones at an undisclosed location in the Chernihiv region, northern Ukraine, 14 February 2026 (issued 15 February 2026), amid the Russian invasion. EPA/ARTEM DERKACHOV

Истрага откри дека руски приватни компании користат сложена мрежа на посредници и подружници во Европската Унија за увоз на адитиви за моторно масло, мазива и големи количества глицерин. Глицеринот, кој не е под санкции на ЕУ, а се користи за производство на погонски средства и за експлозиви за муниција – од куршуми за мало оружје до гранати со голем калибар, во Русија влегува преку латвиската и германската маршрута на компанијата „Делфин“, петрохемиски гигант кој има тесни врски со руската војска

 

Европа долго време не може да се договори околу помошта што треба да ѝ ја даде на Украина, но затоа, нејзините синџири на снабдување се клучни за транспортот на индустриски хемикалии кои помагаат во одржувањето на руската машинерија и ја хранат нејзината воена економија. Голема истрагата откри дека руски приватни компании користат сложена мрежа на посредници и подружници во Европската Унија за увоз на адитиви за моторно масло, мазива и големи количества глицерин.

Во центарот на мрежата е руски петрохемиски гигант со тесни врски со војската, кој работи непречено во Латвија и Германија, искористувајќи ги дупките во санкциите за да обезбеди проток на суровини клучни за воените напори на Русија, пишува „Киев индепендент“. Иако трагата на документите е замрсена и распрскана преку логистички компании и посредници, едно име се појавува постојано. Тоа е  групацијата „Делфин“, која произведува петрохемиски производи. Истрагата открива дека преку систематско проширување надвор од Русија, „Делфин“ воспоставува  контрола врз сложена мрежа на европски компании, а една од нив, со седиште во Германија, е регистрирана на адресата во Берлин на поранешен агент на руската воена разузнавачка служба (ГРУ), кој е под санкции.

Користејќи меѓународни синџири на снабдување, групата стана еден од најголемите увозници во Русија на адитиви за моторно масло и мазива. Овие средства се клучни за функционирањето на тешката машинерија и возила што ги користи Русија во војната против Украина, зашто по западните санкции и сè почестите украински напади врз руските рафинерии, Москва се потпира на увоз за да ги надомести домашните недостатоци. ЕУ ги заостри контролите врз некои адитиви за гориво, но суровиот глицерин останува надвор од фокусот. Глицеринот, меѓу другото, се употребува за производство на погонски средства и експлозиви за муниција – од куршуми за мало оружје до гранати со голем калибар. Поради регулаторни пропусти, пратките на природен глицерин продолжуваат непречено да течат од компании со седиште во ЕУ до Русија. Адитиви и масло најчесто се увезуваат од азиските земји, но глицеринот сè уште најмногу доаѓа од  ЕУ. „Делфин“ го зголемила увозот на глицерин за повеќе од 245 проценти помеѓу 2021 и 2023 година. Архивирана верзија на веб-страницата Глицерин.ру отворено ја рекламира употребата на глицерин во воената индустрија, наведувајќи дека се користи за производство на динамит и бесчаден барут. Евиденцијата за јавни набавки од 2015 година покажува дека Глицерин.ру, кој во практиката дејствува како дистрибутер на „Делфин“, директно ја снабдувал со глицерин фабриката за барут во Казан, државен производител на експлозиви, кој е сега под меѓународни санкции и произведува речиси 70 % од вкупниот барут во Русија.

Клучна улога во испораката на хемикалии игра латвиската компанија во слободното пристаниште Рига, која испратила десетици милиони килограми глицерин во Русија од почетокот на инвазијата, главно за „Делфин дистрибуција“ и Глицерин.ру, со што прометот ѝ скокнал од околу 30 милиони евра во 2021 година на 41 милион евра во 2022 година.  „Делфин груп“, исто така, контролира компанија со седиште во Германија, која ги организира испораките. Таа компанија прво била регистрирана на личната адреса во Берлин на Олег Еременко, санкциониран поранешен офицер на ГРУ, а кога против него беа воведени санкции, компанијата добила нова адреса на која нема индиции за нејзино физичко постоење. Преку германската маршрута, помеѓу 2022 и 2023 година, во Русија влегле вкупно 18.000 тони глицерин.

Санкциите на ЕУ се главно насочени кон големите државни и приватни компании за одбрана, оставајќи ја недопрена мрежата за снабдување на помалите и на средните набавувачи. Експертите долго време повикуваат за построга контрола на суровините и хемикалиите што влегуваат во Русија. Како што забележа експертот за меѓународна безбедност, Марија Чухнова, следната фаза од санкциите „мора да ги погоди суровините што ја поткрепуваат воената економија на Русија – од манган и памучна пулпа до титаниум и хемиски прекурсори клучни за производство на експлозиви“. Во случајот на „Делфин Груп“, ниту еден од нејзините субјекти во Русија, Латвија и Германија не се соочи со санкции од ЕУ, иако Украина, во 2023 година, санкционираше голем број од нив. Без построги контроли врз извозот на хемикалии, дупките во системот веројатно ќе продолжат да го дозволуваат снабдувањето што ја одржува руската воена машина.

ИЗДВОЕНИ