Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати остар апел до европските лидери, предупредувајќи дека „ризикот Европа да биде вовлечена во конфликт е поголем денес отколку во кое било време од почетокот на војната во Украина“. Орбан рече дека е крајно време Европската Унија да ја промени својата политика и да започне директни преговори со Русија, наместо да чека исход од договорите меѓу САД и Русија.
„Мирот бара трпение, сила и понизност. Европа мора да го промени својот став“, напиша унгарскиот премиер на социјалната мрежа X, додавајќи дека сегашната политика на Брисел е деструктивна за континентот.
„Наместо ароганција и поттикнување бесконечна војна, ни требаат преговори со Русија. Само дијалогот може да донесе мир на нашиот континент“, рече Орбан, придружувајќи ја својата објава со симболот на гулаб на мирот.
„Европа мора да преговара со Русија за да постигне мирен договор и да изгради нова европска безбедносна архитектура“, рече Орбан. „Ова не смее да биде прашање што другите ќе го решат – Европа мора да преземе одговорност и да зборува со свој глас.“
Според него, предлогот на Унгарија за решение е јасен: дипломатски пат, а не ескалација.