Очекуваниот животен век и бројот на години поминати во пензија се зголемуваат низ цела Европа. Како одговор на тоа, многу земји ја зголемуваат возраста за пензионирање. Данска веќе одлучи да ја зголеми возраста за пензионирање на 70 години до 2040 година. Неколку други европски земји, исто така, донесоа закони за зголемување на возраста за пензионирање во наредните години. Според ОЕЦД, Данска ќе биде предводник до 2060 година, со просечна возраст за пензионирање од 74 години, анализира “Еуроњус“
Во моментов, старосната граница за пензионирање во земјите на ЕУ варира: за мажите се движи меѓу 62 и 67 години, додека жените можат да одат во пензија меѓу 60 и 67 години. Најниската старосна граница ја има Турција, каде што жените можат да се пензионираат со 49 години, а мажите со 52.
Трите нордиски земји, Данска, Норвешка и Исланд, веќе имаат највисока законски утврдена старосна граница за пензија од 67 години за двата пола. Потоа следуваат Холандија (66,6 години), Обединетото Кралство и Ирска (66 години), додека во Германија таа моментално изнесува 65,8 години.
Во 23 европски земји старосната граница за мажи и жени е изедначена, но во девет земји мажите сè уште се пензионираат подоцна. Најголемата разлика е забележана во Австрија и Полска, каде што мажите во просек работат дури пет години подолго од жените. Во ЕУ просечната разлика меѓу половите е 0,9 години.
ОЕЦД предвидува дека Турција до 2060 година ќе го забележи најголемото зголемување, дури 13 години повеќе за мажите и 14 години за жените. Данска ќе ја зголеми границата за 7 години за двата пола.
Се очекува и други земји, како Естонија, Словачка, Италија, Шведска и Кипар, да ја зголемат старосната граница за повеќе од пет години до 2060 година.
Зголемувањето на старосната граница за пензија постепено станува реалност низ цела Европа. Многу земји веќе спроведуваат реформи според закони донесени претходно и се очекува овој тренд да продолжи во наредните години.
Во споредба со оние кои се пензионирале во 2022 година, Турција ќе забележи најголемо зголемување на возраста за пензионирање – за 13 години за мажи и 14 години за жени.
Во Данска, зголемувањето ќе биде за седум години и за двата пола. Според податоците од 2021 година, Данска е втора во ЕУ по просечна потрошувачка за пензии по корисник, и номинално и прилагодено според стандардите за куповна моќ (PPS).
Возрасните ограничувања може да варираат за оние кои порано влегуваат во работниот живот или имаат специфични околности.
Пензиите во ЕУ обично изнесуваат околу 60 проценти од заработката кон крајот на кариерата, но во многу европски земји тој процент паѓа под 50 проценти, што им отежнува на пензионерите да одржуваат пристоен животен стандард.