Европа и Украина вршат притисок на САД пред средбата Трамп-Путин

Европските претставници ги презентираа своите предлози за мир во Украина пред Соединетите Американски Држави во саботата, објави „Волстрит џурнал“, додека американскиот претседател Доналд Трамп се подготвуваше за разговори со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната, објави „Ројтерс“.

180
EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Европските претставници ги презентираа своите предлози за мир во Украина пред Соединетите Американски Држави во саботата, објави „Волстрит џурнал“, додека американскиот претседател Доналд Трамп се подготвуваше за разговори со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната, пренесе „Ројтерс“.

Трамп во петокот објави дека ќе се сретне со Путин на Алјаска на 15 август, велејќи дека е блиску до постигнување договор за завршување на војната меѓу Русија и Украина. Деталите за можниот договор сè уште не се објавени, но Трамп рече дека тој ќе вклучува „одредена размена на територија за взаемна корист“.

Тоа би можело да значи дека Украина ќе се откаже од значајни делови од својата територија, исход за кој Киев и неговите европски сојузници велат дека само ја охрабрува руската агресија.

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, се сретна во саботата во Велика Британија со украинските и европските сојузници за да разговараат за иницијативата на Трамп.

Според „Волстрит џурнал“, европските претставници изнеле контрапредлог кој вклучува барања да се договори прекин на огнот пред какви било други чекори и секоја размена на територија да биде реципрочна, со силни безбедносни гаранции.

„Не можете да го започнете процесот со предавање територија во средината на борбите“, цитираше весникот еден европски преговарач. Европските претставници кои контактирале со агенцијата Ројтерс, не можеа да ги потврдат овие наводи. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја оцени средбата како конструктивна.

„Сите наши аргументи се слушнати“, рече тој во вечерното обраќање до Украинците. Патот кон мирот за Украина треба да се одреди заеднички и само заедно со Украина. Ова е клучен принцип“, додаде тој.

Тој претходно отфрли какви било територијални отстапки, велејќи дека „Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, нагласи дека Украина мора да има улога во сите преговори.

„Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“, напиша тој на X по, како што рече, разговорите со Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер.

„Европејците нужно ќе бидат дел од решението, бидејќи и нивната сопствена безбедност е во прашање. Потребни се јасни чекори.“

Зеленски во последните денови интензивно разговараше со украинските сојузници откако претставникот на Трамп, Стив Виткоф, ја посети Москва во средата, средба што Трамп ја опиша како „голем напредок“.

„Потребни се јасни чекори, како и максимална координација меѓу нас и нашите партнери“, порача Зеленски на X претходно во саботата.

ИЗДВОЕНИ