Голем топлотен бран низ јужна Европа ги покачи температурите над 40 степени Целзиусови во неколку земји, вклучувајќи ги Италија, Шпанија и Грција, а локалните власти издадоа предупредувања за ризикот од шумски пожари.
Експертите ја поврзуваат зголемената фреквенција и интензитет на топлотните бранови со климатските промени и предупредуваат дека ваквите екстремни временски настани стануваат сè почести во јужниот дел на Европа.
Силни топлотни бранови беа регистрирани во Италија, Грција, Шпанија и Португалија дури и пред викендот.
Денеска, две третини од Португалија се во состојба на висока готовност поради екстремна топлина и можни шумски пожари, а се очекува температурата во Лисабон да надмине 42 степени Целзиусови, објавува Срна.
Неколку региони во Италија, како што се Лацио, Тоскана, Калабрија, Пуља и Умбрија, планираат да забранат одредени работни активности на отворено во текот на најжешките часови како одговор на рекордно високите температури.
Италијанските синдикати ја повикаа владата да ги прошири ваквите мерки на целата земја.
Италијанското Министерство за здравство денес стави 21 од 27-те градови под највисок степен на тревога поради високите температури, вклучувајќи ги и популарните туристички дестинации како Рим, Милано и Неапол.