Европската кошарка би можела наскоро да добие нов суперпроект, а во центарот на вниманието е Лука Дончиќ. Според пишувањата на италијанскиот спортски весник „Газета дело спорт“, во Рим се подготвува амбициозен кошаркарски проект што би можел сериозно да ја промени европската сцена, а српскиот кошаркарски стручњак Александар Ѓорѓевиќ е означен како прв фаворит за тренерската позиција. Наводно, Ѓорѓевиќ има и силна поддршка од Дончиќ, кој, според италијанските медиуми, го гледа како идеален лидер на новиот римски клуб, кој во наредните години би можел да прерасне во една од најмоќните европски кошаркарски приказни.
Зад целиот проект стои американска инвестициска група, која веќе ги презеде спортските права на Ваноли Кремона, а завршувањето на договорот се смета за прашање на време. Паралелно со административниот процес, веќе започнале формирањето на организациската структура и составувањето на тимот. Но, ова не е само уште еден клуб.
Според информациите, проектот е директно поврзан со сè погласните најави за иднината на НБА во Европа. Рим се гледа како идеална локација: метропола со огромна спортска традиција, голем пазар и со потенцијал да стане едно од клучните кошаркарски средишта на континентот.
Важна улога во проектот има и Дони Нелсон, човек од НБА-круговите што со години е близок со Дончиќ, додека во спортскиот дел ќе помогне и Римантас Каукенас.
Дополнителна тежина на целата приказна ѝ дава и присуството на Роберто Карменати, долгогодишен скаут на Далас маверикс и човек што добро ја познава околината на Дончиќ.
Планот е новиот клуб првично да настапува во „Паласпорт“, а подоцна да се пресели во реновираното „Форо Италико“, кое треба да стане модерна кошаркарска арена.
Доколку сè се реализира според најавите, Европа би можела да добие нов кошаркарски гигант – со Дончиќ како важна фигура во заднина и со Ѓорѓевиќ како лидер на клупата.











