Владата ја усвои ревидираната стратегија за управување со јавниот долг за периодот 2024–2026 година, со изгледи до 2028 година. Стратегијата ги дефинира рамката и приоритетите за задолжување и управување со државниот долг во среднорочен период, со цел да се обезбедат одржливост, транспарентност и минимизирање на финансиските ризици.

Според документот, јавниот долг на државата на крајот од 2024 година изнесува приближно 57,6 % од БДП, додека државниот долг сочинува 50,3 % од БДП. Должничкото портфолио е структурирано така што 84 % се со фиксна каматна стапка, а 16 % со променлива, со тенденција на постепено намалување на променливите каматни стапки преку рефинансирање. Четириесет и три проценти од јавниот долг е во странска валута, главно евро и швајцарски франк, а остатокот во денари. Долгорочните обврзници сочинуваат 54,5 % од долгот, што ја намалува изложеноста на краткорочни ризици.

Стратегијата предвидува дека јавниот долг до 2028 година ќе се движи околу 55–58 % од БДП, со тенденција на стабилизација. Владата планира постепено намалување на уделот на странски долг на околу 40 %, со цел подобрување на фискалната независност. Просечната каматна стапка на јавниот долг во 2024 година е 3,8 %, а трошоците за сервисирање на долгот (interest to revenue ratio) се проценуваат на 6,5 %.

Стратегијата истовремено идентификува ризици: краткорочниот долг е релативно низок, но е изложен на флуктуации на меѓународните пазари, 16 % од долгот со променлива камата го носи ризикот од покачување на трошоците, а странскиот долг создава потенцијален притисок при девијации на денарот.

И покрај рамката на стратегијата, реалната слика на јавниот долг на почетокот од 2026 година покажува растечки тренд: се очекува годинава јавниот долг да достигне 62 % од БДП, односно околу 11 милијарди евра, а државниот долг ќе изнесува 53,3 % од БДП. На почетокот од годинава, Владата издаде еврообврзница од 1 милијарда евра, како и краткорочни заеми од 20 милиони евра за инфраструктурни проекти и 40 милиони евра од деловна банка.

Согласно со стратегијата, лимитот на јавниот долг на среден и на долг рок е поставен на 60 % од БДП, но новите проекции покажуваат дека нема да се оствари оваа цел до 2028 година. Според ревидираната стратегија, јавниот долг ќе достигне 62 % во 2026 година, 60,1 % во 2027 година и 60, 9% во 2028 година, при што се очекува умерен пад како резултат на постепената фискална консолидација.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, појасни дека новата еврообврзница од 1 милијарда евра ќе се користи, главно, за враќање стари обврзници од 2020 година, со што нето-ефектот врз јавниот долг е значително понизок и усогласен со среднорочната фискална рамка.

Од друга страна, опозицискиот СДСМ ја критикува Владата за создавање нови долгови и истакнува дека недостигаат околу 2 милијарди евра во буџетот, од кои 680 милиони се дефицит, а 700 милиони се достасани обврски кон економски субјекти. Според проекциите на Светска банка, јавниот долг годинава ќе достигне 62,9 % од БДП, што ги потврдува предупредувањата за растечки финансиски притисоци.

Ревидираната стратегија за управување со јавниот долг нуди рамка за стабилно и транспарентно задолжување, но реалните податоци покажуваат дека растот на долговите ќе остане предизвик за фискалната политика и за контролата на јавните финансии во наредните години.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ