Претседателот на кошаркарскиот клуб ЦСКА од Москва, Андреј Ватутин, објави колумна во престижниот руски весник „Спорт експрес“, во која упати сериозно предупредување до европската кошаркарска заедница: НБА и ФИБА планираат проект кој, според неговите зборови, би можел „да го скрши срцето на европската кошарка“. Ватутин направи паралела помеѓу сегашните амбиции на НБА и поранешниот неуспешен проект на НБА Африка, истакнувајќи дека „Европа би можела да го доживее истото сценарио – комерцијален проект без душа, традиција и идентитет“. Ватутин потсети дека НБА доживеа огромен комерцијален бум под водство на легендарната фигура Дејвид Штерн, но предупреди дека Европа не треба да се обидува да го копира тој модел.
- Дејвид Штерн и неговиот тим ја „измислија“ кошарката по втор пат, претворајќи ја губитничката лига во глобален бизнис. Ние во Евролигата го правиме истото веќе 20 години – градиме стабилен систем, базиран на страст и навивачи. Сега НБА се обидува да го преземе она што макотрпно го создадовме, напиша Ватутин. Тој, исто така, откри дека Евролигата сега е проценета на повеќе од милијарда евра, со планови таа бројка да се зголеми тројно во следните пет години.
- Пред десет години, Евролигата немаше пазарна вредност. Денес, таа има стратегија за раст и верба на навивачите во секој агол од Европа. Тоа е нашата сила – не профитот, туку емоцијата, додаде Русинот.
Ватутин нагласува дека проектот НБА Европа не е проширување на американската лига, туку обид за создавање паралелен систем што би ја копирал структурата на НБА, но без никаква вистинска врска со постојните европски клубови.
- Европските тимови нема да играат против Лејкерси, Селтикс или Никс, ниту пак ќе учествуваат на драфтот. Тоа би била нова организација под американскиот бренд, со полузатворен систем и клубови што би стигнале до елитата преку натпреварувања од втор ред, објаснува Ватутин.
Според него, таков модел автоматски би ги исклучил земјите со силна кошаркарска традиција, како што се Србија и Литванија, кои немаат финансиска моќ да се натпреваруваат со западноевропските пазари.
Претседателот на ЦСКА смета дека надежите дека американскиот систем би можел да ја „спаси“ европската кошарка се илузорни.
- Американците немаат магично стапче. Тие не можат да ги претворат клубовите во франшизи со буџети од милијарди долари. ФИБА исто така не нуди ништо подобро – нејзините приходи се блиску до оние на Евролигата, но не растат. НБА Африка веќе пропадна како непрофитабилен проект. Европа мора да научи лекција од тоа, смета претседателот на ЦСКА.
Ватутин ги повика лидерите на Евролигата да се обединат, наведувајќи дека девет од 13-те акционери веќе ги продолжиле своите лиценци, вклучувајќи ја и ЦСКА.
- Ако Евролигата остане поделена, ќе изгубиме сè. НБА Европа би нè растргнала – по земји, градови и навивачки припадности. Не смееме да го дозволиме ова, порача Ватутин.
Отвореното писмо на Андреј Ватутин доаѓа во време кога Евролигата се соочува со најголемиот предизвик во својата историја – можниот влез на НБА на европскиот пазар.
Додека американскиот модел нуди профит и глобален бренд, Ватутин инсистира дека суштината на европската кошарка лежи во традицијата, емоциите и навивачката страст.











