Еден од клучните играчи на лидерот во Евролигата, тимот на Хапоел Тел Авив, Антонио Блекни, се најде во центарот на сериозен скандал со наместени натпревари. Како што објави угледниот „Атлетик“, започната е истрага во која се вклучени дури 20-мина кошаркари, вклучувајќи го и американскиот бек на Хапоел, моментално едно од најпознатите имиња во Евролигата. Истрагата е поведена поради сомневања за манипулација со резултатите во текот на НЦАА-натпреварувањето, но и на натпреварите одиграни во Кина меѓу 2022 и 2025 година.
Наводно Блекни добил околу 200.000 долари за намерно да настапи полошо од очекуваното при својот престој во Кина. И покрај ова, Блекни одигра важна улога во тимот на Тел Авив оваа сезона, со просек од 13,8 поени, 2,4 скока и 0,9 асистенции во Евролигата, со индекс на корисност 12.











