Големата дебата за тоа која е поквалитетна лига: НБА или Евролигата, очигледно, даде многу јасен одговор. Мислењата се поделени, нема сомнение дека во елитното европско натпреварување се игра побавна кошарка, повеќе тимски базирана, додека Преку Барата преовладува индивидуалниот квалитет. Сепак, дали може да ни помогне статистиката од годинашното Европско првенство да дојдеме до одговор? Бројките се евидентни, но покажуваат дека НБА -грачите доминираат на европска територија, и тоа со леснотија.

Еден од оние што кренаа голема прашина околу оваа дебата беше и селекторот на Турвија и тренер на Панатинаикос, кој порача дека НБА-тимовите, без својата најголема ѕвезда, се само просечни тимови.

  • Кога ја освојуваат титулата, НБА-тимовите веднаш објавуваат дека се светски шампиони. Бев вознемирен поради тоа, бидејќи таа сезона бевме шампиони во Евролигата, па ги предизвикав. Ако сакате да бидете светски шампиони, тогаш мора да ги победите шампионите во Евролигата. Можеби, мора да ги победите и австралиските шампиони. Значи, за мене, тоа е предизвик секој пат и повторно реков, со голема почит кон НБА- тимовите, кошарката во Евролигата е на многу високо ниво и за да биде наречен некој светски шампион, мора да игра против нас – рече Атаман.

Исто така, имаше и тврдења од Лука Дончиќ, кој истакна дека е полесно да се постигне кош во НБА отколку во Евролигата. Но, што вели статистиката?

Сведоци сме на неверојатни настапи на поединци во националните тимови на годинашниот Евробаскет, а ако ја погледнеме табелата со првите десетмина стрелци, можеме да заклучиме дека деветмина од нив се од НБА. Единствено се издвојува кошаркарот на Монако, Џордан Лојд, кој постигнува, во просек, по 28 поени за Полска. Во топ-10 на оваа листа се: Лука Дончиќ (Словенија, клуб Далас), Лаури Марканен (Финска, клуб Јута), Јанис Адетокумбо (Грција, клуб Милвоки), Џордан Лојд (Полска, клуб Монако), Никола Јокиќ (Србија, клуб Денвер), Денис Шредер (Германија, клуб Сакраменто), Франц Вагнер (Германија, клуб Орландо), Дени Авдија (Израел, клуб Портланд), Алперен Шенгун (Турција, клуб Хјустон) и Никола Вучевиќ (Црна Гора, клуб Чикаго).

Ако ја видиме суровата статистика, можеме да заклучиме дека НБА е потешка лига од Евролигата, со оглед на тоа што играчите од нејзините редови се приспособија на европскиот стил на кошарка и бележат неверојатни бројки. Патем, не може да се негира дека играчите што имаат просечни или дури и потпросечни перформанси во НБА, успеваат да забележат многу подобри резултати на Евробаскетот. Сепак, има и поента: различните кошаркари имаат различна улога во клубот и во националниот тим.

Она што, исто така, ѝ оди во прилог на НБА се најдобрите индивидуални натпревари, каде што првите четири места ги заземаат: Лаури Марканен, Симоне Фонтекио, Никола Јокиќ и Лука Дончиќ. Четворицата заедно имаат запишано 160 поени. Марканен постигна 43 поени на натпреварот против Велика Британија, додека Јокиќ постигна 39 поени против Латвија, како и Дончиќ против Франција (39) и Фонтекио против Босна и Херцеговина (39).

Затоа, на првите четири места за најкорисни играчи на еден натпревар во првенството досега беа играчи од НБА.

 

ИЗДВОЕНИ