Секое домаќинство има право на автоматска корекција на фактурите еднаш на три месеци – алармирани се институциите да го натераат ЕВН да го практикува Законот. Инженери на Република Македонија (ИНРМ) алармираат дека досегашната практика на „ЕВН Хоум“ за издавање паушални фактури и за префрлање на целата разлика во еден месец е спротивна на Законот за енергетика и предизвикува неправедни, зголемени сметки за граѓаните.
Во јуни и јули, на поголем број домаќинствата им се испорачуваа пониски сметки врз основа на проценета потрошувачка, а во август, по извршеното читање и порамнување, целата разлика беше префрлена во еден триесетдневен пресметковен период. На тој начин, потрошувачката во висока тарифа се пресмета во повисоките тарифни блокови, што резултираше со значително поголеми износи на фактурите.
Поради тоа e поднесена претставка до Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за енергетика и до ЕВН, како и барање за инспекциски надзор до надлежните инспекторати, со цел институциите да преземат мерки во рамките на своите надлежности. ИНРМ инсистира на доследна примена на член 185 став (2) од Законот за енергетика, кој го обврзува снабдувачот по автоматизам да издава коригирани фактури еднаш на три месеци, кога се изготвени сметките врз основа на проценета потрошувачка.
Во моментов, граѓаните може да добијат исправка на ваквите фактури само ако индивидуално поднесат приговор, што е спротивно на Законот. На овој начин, потрошувачите се ставаат во нерамноправна положба и трпат финансиска штета. Ако продолжи оваа практика, во грејната сезона домаќинствата ќе се соочат со значителни и неоправдани трошоци.
ИНРМ ја информира јавноста дека додека не се воспостави автоматска корекција на фактурите во согласност со Законот, граѓаните имаат право да поднесат приговор до ЕВН на [email protected] и да побараат издавање коригирана фактура. За полесно утврдување на евентуалната штета, може да се искористи едноставниот калкулатор, преку кој секое домаќинство може да провери дали е оштетено со паушалното фактурирање за период од три месеци.
Законите ги штитат правата на потрошувачите, само е потребна нивна доследна примена.