Освен Флисар, гости на 13. интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе бидат и српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели – Јана Бауер, како и домашните авторки – поетесата и романсиерка Лидија Димковска и прозаистката Хана Корнети. Во дополнителната програма на фестивалот ќе се одржи и промоција на книгата „30 современи грчки автори“
„Прозарт“ годинава му припадна на словенечкиот писател Евалд Флисар. Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ (кој ќе се одржи од 21 до 23 септември) по 13. пат ја доделува наградата, на истакнат автор за авторскиот придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. Наградата ќе му биде врачена на лауреатот на свеченото затворање на фестивалот, во Даутпашиниот амам во Скопје, на 23 септември.
Флисар е најпреведуваниот словенечки писател и драматург, автор со извонреден меѓународен успех, неговите романи и драми се преведени на 40 јазици, со вкупно 270 изданија во светот. Неговите дела се поставувани на сцените во Лондон, Вашингтон, Рејкјавик, Москва, Мумбаи, Њу Делхи, Токио и во десетици други професионални театри на сите континенти.
Тој е автор на 18 романи, 16 драми, три книги есеи и на бројни раскази. Бил претседател на Друштвото на словенечките писатели во три мандати (1995–2002). Добитник е на бројни награди, меѓу кои и највисоката државна награда за литература – Прешернова награда, наградата Жупанчиќ за животно дело, како и меѓународни признанија, вклучително и италијанската „La Magna Capitana“. Бил номиниран за меѓународната Даблинска книжевна награда и учествувал на повеќе од педесет книжевни фестивали и настани ширум светот.
Член е на Словенечката академија на науките и уметностите. Неговиот роман „Чиракот на волшебникот“ (1986) е најчитаниот словенечки роман на 20 век, со 13 изданија во Словенија и бројни преводи.
„Флисар е мајстор на раскажувањето и дијалогот, а неговиот јазик звучи со необична природност и во романите и во драмите. Преку остри конфликти на различни перспективи тој гради синтеза на севкупен светоглед. Со својата префинета синтеза на реализам, иронија, симболизам и чувствителност, Флисар заслужено се смета за наследник на Чехов, театарот на апсурдот и англиската и американската драма од втората половина на 20 век. Затоа наградата „Прозарт“ сосема заслужено му припаѓа на еден од големите балкански мајстори на пишаниот збор,“ – се вели во образложението за доделување на „Прозарт“.
Претседател на жири комисијата за доделување на наградата е проф. д-р Ермис Лафазановски, а членови се проф. д-р Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.
-Да бидам искрен, бев изненаден кога ме известија дека сум годинашен добитник на престижната книжевна награда „Прозарт“. Изненаден и почестен. Почестен затоа што наградата ме става во редот на автори достојни за највисока почит, дури и восхит, а изненаден затоа што осумдесет години од мојот живот и работа ги поминав далеку, не само од Македонија, туку и од она што популарно се нарекува Балкан, вели Флисар во чест на наградата.
-Колку и да звучи чудно, ова ќе ми биде втора посета на Македонија (или Северна Македонија, како што сум должен да ја нарекувам сега). Првата беше кога имав 17 години, заедно со една убава девојка која исто така имаше 17. Во летото 1962 година патувавме по далматинскиот брег и преку планините на Црна Гора до Македонија, сè до Охрид, каде поминавме повеќе од две недели, пливајќи кај црквата „Св. Јован Канео“, повеќе заинтересирани еден за друг отколку за Македонија. После тоа, низ Македонија поминав само уште двапати, со автомобил, на пат кон Грција и назад кон дома. И тоа беше сè. Сè до денес, ден кој стана еден од најголемите во мојот живот. Престижната награда ме потсети дека јас не сум само Словенец, Централноевропеец со мајка Австријка и татко од унгарско потекло, и не само државјанин на Австралија и на Обединетото Кралство (студирав и живеев во Лондон дваесет години), и не само чест и почесен гостин во Индија, каде што имам најголем број преводи – 45, и каде што една моја драма, поставена во Калкута, се изведува веќе седум години, ниту само добредојден патник во 99 земји во кои сум патувал досега, туку сум и, не само географски, како што некои тврдат, туку во значителна мера и историски и културно, дел од Балканот, каде што длабоко во срцето секогаш сум се чувствувал како дома, без да најдам рационална причина за тоа. Можеби затоа што каде било на Балканот, вклучително и во Македонија, секогаш се чувствувам како пријател меѓу пријатели, повеќе дома отколку во поголемиот дел од светот.
Токму тоа можеби е главната причина зошто сум толку благодарен за оваа награда – вели Флисар.
Освен Флисар, гости на 13. издание на фестивалот ќе бидат српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели Јана Бауер, како и домашните претставнички – поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик Лидија Димковска и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и комерцијални текстови.
Во дополнителната програма на фестивалот ќе се одржи и промоција на книгата „30 современи грчки автори“. Во рамките на ПРО-ЗА Балкан, се одржува и 12. програма „Скопје фелоушип“, која годинава се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија, а ко-финансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.