Поради непрестајните врнежи и излевањето на реките, западниот дел на Македонија се наоѓа во вонредна состојба. Во Кичево, стотици семејства беа евакуирани додека водата ја проголта улицата „Прилепска“ и зафати делови од болницата. Во Гостивар, две деца и нивната мајка останаа заробени во домот, опкружени со бучавата на дивата вода, додека спасувачките екипи брзаа да стигнат навреме. Во Тетово и Скопје, поплавените патишта и подруми создадоа хаос, а надлежните апелираат на внимателност и трпение додека траат интервенциите

 

Обилните врнежи од дожд во текот на ноќта и претпладнево предизвикаа воден хаос во Западна Македонија. Најкритично беше во Кичево – градот се најде под вода затоа што Зајашка Река се прелеа од своето корито и ја проголта улицата „Прилепска“, потопувајќи домови и доведувајќи ја во опасност болницата. Сопствениците на куќите гледаа како водата се качува до прозорите, а стравувајќи за сопствените животи. Во паника, надлежните успеаја да евакуираат околу 180 луѓе, кои сега се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Таму, меѓу треперење и страв, се делат ќебиња, душеци, храна и вода, додека спасувачите од Скопје работеа без престан да им помогнат на најпогодените.

– Поради настанатата кризна состојба предизвикана од поплавите, Општина Кичево ги има преземено сите максимални мерки и сите расположливи капацитети се целосно ставени во функција на терен. Во насока на побрзо и поефикасно справување со состојбата, побарана е дополнителна помош од Министерството за одбрана и од Министерството за животна средина. Дополнително, ангажирани се сите приватни компании кои располагаат со тешка механизација, со цел да се вклучат во интервенциите и расчистувањето на критичните точки. Упатуваме апел за смиреност, трпение и соработка до граѓаните. Се преземаат максимални напори за да се надмине оваа кризна ситуација и да се обезбеди навремена помош и безбедност за сите засегнати – изјавија од Општина Кичево.

Во Гостивар, драмата го достигна врвот – во селото Беловиште две деца и нивната мајка останаа заробени во нивниот дом, опкружени со бучавата на дивата вода. Тие изјавија дека сè се случувало брзо, а секундата им изгледала како вечност, додека ТППЕ и ОВР Гостивар трчале да ги спасат.

Во Тетово, дождот предизвика свлечиште кое го блокира патот кон селото Ѓермо, а снежните врнежи дополнително ја усложнуваат ситуацијата за сите патници и спасувачи. Поради снежни врнежи е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси кон Попова Шапка. Иако водостојот на реките засега е стабилен, сообраќајот е сериозно попречен.

Ниту Скопје не е поштедено – низ приградските населби Идризово, Буковиќ, Зелениково и Радишани се пријавени поплавени дворови и подруми, а луѓето гледаа како водата ги уништува нивните поседи. Спасувачки екипи веднаш излегоа на терен да се борат со невремето и да ги санираат штетите.

Висок водостој на реките и ризик од излевања

Според податоците на Секторот за хидрологија при УХМР, зголемен е водостојот на сите реки во западниот дел од земјата, а се очекува и понатамошен пораст кај дел од нив. Се прогнозира висок водостој во горниот дел од сливот на реката Вардар, каде што е можно заезерување во Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во Гостиварскиот и во Тетовскиот Регион. Висок водостој се очекува и на самата река Вардар.

Зголемен водостој во текот на денот се очекува и кај реките Сатеска и Коселска, како и на останатите реки во Охридско-Струшкиот Регион, каде што на поединечни места се можни локални излевања на помалите водотеци. Реката Црна бележи зголемен водостој, а во нејзиниот слив се можни локални излевања во текот на денот, особено во Демир Хисар, Кичевско и во Пелагонискиот Регион.

Висок водостој има и реката Треска, при што се можни локални излевања кај селата Пласница и Лисичани. Дополнително зголемување на водостојот во текот на денот се очекува и на нејзината лева притока, реката Кичевска.

Од УХМР апелираат на претпазливо движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата во текот на денот, поради можност од појава на високи води. Во изолирани места во источните делови е можна појава на поинтензивни врнежи, поради што се препорачува внимателно следење на состојбата.

Од УХМР известија дека утре ќе имаме променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места во западните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а во западните делови повремено засилен западен ветер.

Во Скопје, се прогнозира дека времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ