Македонскиот ракометен шампион, екипата на Еурофарм Пелистер, беше на чекор до сензационална победа среде Париз, но потклекна во последните неколку минути и загуби од супермоќниот ПСЖ со 33:27, во рамки на второто коло од Лигата на шампионите.
Парижаните во 24. минута од мечот помислија дека работата е завршена кога поведоа со 16:11, со Битолчани со серија од 5:0 израмнија на 16:16 и со тој резултат се отиде на пауза. Почетокот на вториот дел донесе уште поголем подем за „зелено-белите”, па во 38. минута тие поведоа со 18:21. Во тие моменти изгледаше дека Пелистер може до голема победа во Париз.
Сепак, ПСЖ покажа зошто е еден од најсилните клубови во Европа. Успеа да се врати и да израмни на 27:27 со 52 минута, а потоа следуваше пад на концентрацијата кај македонскиот тим, по што домаќините постигнаа шест гола до крајот на мечот, а не примија ниту еден.
Најефикасен кај македонскиот шампион беше Дејан Манасков со пет погодоци, еден помалку постигна Филип Кузмановски, додека на спротивната страна незапирлив беше Пранди со 11 гола.
Следниот предизвик за Пелистер е дуелот со данскиот ГОГ Гудме, кој ќе се одигра во среда од 20:45 часот во Битола.
Кога Пелистер не можеше до сензација, тоа го направи Магдебург со победата на гости кај Барселона со 21:22. Инаку, вакво понижување Барселона, кога се во прашање бројот на постигнати голови, нема претрпено уште од 1994 година, кога на домашен терен од полуфиналето на Купот на победниците на куповите против Сегед запиша само 19 поени, но прими 14.
Со оваа победа, Магдебург стана само десеттиот тим што постигнал победа над Барселона во Блауграна. Претходно, тоа им успеа само на Целје, Сегед, Кил, Сиудад Реал, Рајн Некар Левен, Загреб, Киелце, Веспрем и Монпелје.