Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер, претрпе пораз од Загреб, во десеттото коло од Лигата на шампионите, но доби и лоши вести од Полска. Имено, екипата на ГОГ Гудме направи сензација, победувајќи на гостувањето кај Висла Плок (35:34) и така направи чекор напред кон следната фаза во елитата.

Данскиот тим до победата дојде во последната секунда од мечот, а стрелец на голот вреден злато беше Расмусен. Иако до крајот има уште четири кола, мисијата за Еурофарм Пелистер да дојде до нокаут-рунда е пеколно тешка, затоа што ГОГ има две победи повеќе.

Пелистер и ГОГ Гудме ќе се сретнат во Данска, но ривалите се на „плус два“. На шестото, последно место кое води во нокаут – фазата е ПСЖ, кој го очекува меч со Загреб и во кој „светците“ важат за фаворити.

Битолчани во следното коло на домашен терен ја пречекува Висла Плок и се освен победа на овој меч ќе значи уште еден крупен чекор назад во борбата за осминафиналето во елитното друштво. Покрај дуелите со Висла (дома) и ГОГ (гости), за Пелистер остануваат мечеви со ПСЖ (дома) и Барселона (гости).

Европскиот шампион, Магдебург, пак лесно и без поголема драма славеше над ПИК Сегед во последниот натпревар за оваа календарска година со 40:32. Победникот беше познат уште по првите триесет минути, кога домаќинот веќе водеше со +6 голови, за на крајот само да го потврди започнатото и да впише нови бодови во групата Б, каде се натпреварува и нашиот Еурофарм Пелистер.

Најдобар поединец кај Магдебург беше Гисли Кристијансон со седум голови, а во унгарскиот состав пет гола постигна Лазар Кукиќ.

Колштад приреди изненадување и се избори за победа над германскиот шампион, Фуксе Берлин (28:24). За домашниот тим ова беше само втора победа сезонава, а до неа стигна со пожртвувана игра во текот на целиот меч. Со овој пораз, заврши одличната серија без пораз на германските екипи во елитниот ранг, која траеше повеќе од една година.  Најдобар поединец кај победничкиот тим беше Магнус Сондена со девет голови, а во таборот на Фуксе Берлин седум погодоци запиша Матес Лангхоф.

Малку понеизвесен натпревар одиграа екипите на Нант и Киелце, каде победата замина кај гостинскиот тим, кој славеше со конечни 29:33.  Драматичен натпревар одиграа и екипите на Веспрем и Спортинг, кој на крајот му припадна на домашниот тим со конечен резултат 32:31.

ИЗДВОЕНИ