Советот на Европската Унија официјално ги одобри новите правила со кои се укинува досегашното ослободување од царински давачки за пратките со вредност до 150 евра. Наместо тоа, ќе се плаќа униформна царина од 3 евра од пратка, мерка што има цел да спречи нелојална конкуренција и да го зајакне европскиот пазар.
Досега, голем број мали пратки, најчесто нарачани преку е-трговија, влегуваа во ЕУ без царински давачки, што создаваше нерамноправна положба за трговците во рамките на Унијата. Со новите правила, ова ослободување се укинува.
Тарифите ќе важат за сите стоки кога ќе стане Европскиот царински информативен центар оперативен, што се очекува до 2028 година. Дотогаш, земјите членки ќе применуваат привремена униформна такса од 3 евра за пратките со вредност под 150 евра.
Од 1 јули 2026 година, данокот ќе се пресметува според тарифните поткатегории на производите во рамките на една пратка. Така, доколку пратката содржи производи од различни категории, на пример, свилени и волнени блузи, ќе се наплаќа царина за секоја категорија посебно.
Според податоците на Европската комисија, бројот на мали пакети што пристигнуваат во Унијата се удвојува секоја година од 2022 година. Во 2024 година биле регистрирани 4,6 милијарди такви пратки, од кои дури 91 % со потекло од Кина.
Целокупната реформа на царинскиот систем има цел да одговори на зголемените трговски текови, забрзаниот раст на е-трговијата и на геополитичките промени, а преговорите меѓу Советот и Европскиот парламент за воспоставување нов европски царински ИТ-центар сè уште се во тек.












