ЕУ во тесно: За да си ги вратат вилите и јахтите, руски олигарси се закануваат со арбитражи за договори од 80-тите години

652

Билатерални договори од времето на Студената војна создадоа паралелен судски систем ИСДС, во кој, наместо редовните судови, за случаите за надомест на штета решаваат приватни меѓународни арбитри, ако оценат дека државата ги злоупотребила своите права, на пример преку експропријација или неправеден третман. Олигархот Михаил Фридман, за договор со Луксембург од 1989 година преку арбитража бара 14,5 милијарди евра, што претставува половина од годишниот буџет на државата

 

Потреба од пари или најсофистициран вид притисок? За да ја оспорат политиката на санкции на ЕУ, руски олигарси и компании ќе бараат меѓународна арбитража за стари трговски договори и тоа толку стари што датираат од 80-тите години, поточно, од крајот на Студената војна. Бидејќи не постои можност за жалба на одлуката на арбитражниот трибунал, со ова создава голем финансиски ризик за земјите членки.

Во извештај со наслов „Замрзнати средства, жешки побарувања: Како руските олигарси и други инвеститори тужат за санкции“, проценуваат дека од ЕУ и нејзините сојузници (Обединетото Кралство, Украина и Канада) се бара да платат најмалку 41 милијарда евра надомест поради санкциите. Тоа е минимална бројка бидејќи повеќето од 24 постапки споменати во извештајот не ги открија износите што ги бараат, пишува „Ле Монд“.

Откако нивните вили, јахти и уметнички дела беа замрзнати по инвазијата на Украина, голем број олигарси прибегнаа кон правна одмазда, со различен степен на успех. Во 2024 година, Пјотр Авен и Михаил Фридман го добија својот случај пред судот на ЕУ, кој заклучи дека нивниот придонес во војната бил премногу индиректен за да оправда санкции против нив. Зад овој случај со висок профил, неколкумина руски олигарси и компании започнаа многу подискретни дејства потпирајќи се на инвестициските договори што повеќе европски земји ги потпишаа со Советскиот Сојуз кон крајот на 1980-тите. Овие билатерални договори, дизајнирани да ги заштитат инвеститорите, создадоа паралелен судски систем познат како решавање на спорови меѓу инвеститорите и државата (ИСДС), пишува „Форбс“. Наместо редовните судови, за случаите за надомест на штета решаваат приватни меѓународни арбитри, ако оценат дека државата ги злоупотребила своите права, на пример преку експропријација или неправеден третман. Така, откако Луксембург му ги замрзна луксузните средства, Фридман, на пример, го искористи договорот од 1989 година меѓу Луксембург и Русија за да побара нивно враќање, како и финансиска компензација за „неповратната и катастрофална штета“ предизвикана на неговиот бизнис. Тој бара 14,5 милијарди евра, што претставува половина од годишниот буџет на Луксембург. Неодамна и руско-ерменскиот милијардер Самвел Карапетијан, повикувајќи се на инвестициски договор од 1995 година меѓу Франција и Ерменија, ја тужеше Франција откако властите ја запленија неговата вила на Азурниот Брег како дел од истрагата за перење пари. Во Брисел, исто така, се води спор околу 165 милијарди евра руски средства замрзнати од ЕУ. Русија се закани дека ќе започне арбитража на ИСДС против Белгија доколку средствата што се во  „Еуроклир“ во Брисел бидат конфискувани. Затоа белгискиот премиер, Барт де Вевер, остро се спротивстави на планот за користење на средствата за помош на Украина.

Олигарсите уценуваат, затоа што знаат дека по неуспех пред европските судови, имаат шанса со арбитража. Судот на правдата на ЕУ предупреди за оваа ранливост уште во 2009 година, но според институтот „Веблен“, „земјите членки на ЕУ не ги ревидираа своите договори за воведување заштитни мерки, ниту ги укинаа“. Но, како што наведува „Форбс“, Европската комисија веќе реагираше: како дел од новиот пакет санкции против Русија летоска беа воведени мерки за заштита на членките на ЕУ од можни порази пред арбитражните судови, со што се забранува спроведувањето на ваквите одлуки. Сепак, тоа е на стаклени нозе, зашто арбитражата може да се спроведе надвор од ЕУ, на пример во Хонг Конг, Лондон или Сингапур, а може да биде и лоша порака за идните инвеститори.

Според институтот „Веблен“, најбезбедното решение би било да се откажат инвестициските договори што сè уште поврзуваат 20 од 27 членки на ЕУ со Русија, по примерот на Украина, која го раскина својот договор во 2023 година. Меѓутоа, и тоа не би било конечно решение, зашто тие договори содржат „зомби клаузули“ што им овозможуваат на руските инвеститори да започнат арбитражна постапка против државите.

ИЗДВОЕНИ