ЕУ во координација со САД пакува нов пакет санкции: На удар руските банки и енергетски компании

101
epa10360660 A European flag flies in front of the European Commission headquarters in Brussels, Belgium, 11 December 2022. EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Европската Унија го подготвува 19. пакет санкции против Русија. во блиска координација со Соединетите Американски Држави, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.

Европската Унија разгледува нови санкции за повеќе од пет руски банки и енергетски компании, како дел од своите најнови мерки за притисок врз претседателот на земјата, Владимир Путин, да ја прекине војната во Украина, потврдија извори запознаени со ова прашање.

Пакетот санкции на ЕУ, кој би бил 19. од целосната инвазија на Русија врв Украина во 2022 година, би можел да ги засегне и руските системи за плаќање и системи за кредитни картички, криптоберзите, како и понатамошно ограничување на трговијата со нафта во земјата, рекоа изворите, зборувајќи под услов да останат анонимни.

Изворите потврдија дека ЕУ се надева дека ќе координира некои од своите најнови мерки со Соединетите Американски Држави и дека ќе отпатува делегација од претставници на ЕУ во Вашингтон, оваа недела, за да се сретне со своите американски колеги и за да разговара за евентуално заедничко дејствување.

Според најновиот пакет ограничувања на ЕУ, блокот ќе ги прошири санкциите за следење на руските бродови и на трговците со нафта во трети земји, а би можел да воведе и забрана за реосигурување на танкерите, велат изворите.

ЕУ, исто така, разгледува построги санкции за големите руски нафтени компании со прекинување на сегашното ослободување што некои компании, како што е „Роснефт“, моментално го уживаат.

Се разгледува и забрана за извоз на низа стоки и хемикалии што ги користи воената индустрија на Москва, како и трговско ограничување за странските фирми, вклучително и оние во Кина, кои ја снабдуваат Русија со овие производи.

ЕУ, исто така, размислува за користење на својата „алатка против заобиколување“ против Казахстан, првпат, велат изворите. Ова би значело забрана за увоз на сет машини, кои, според трговските податоци на ЕУ, сè уште се пренасочуваат во големи количини кон Русија, каде што се користат во производството на оружје, објавува „Танјуг“.

Извори го предупредија „Блумберг“ дека овој вид притисок може да се користи против Казахстан само со обемни докази дека Русија се снабдува со потребните машини преку оваа земја и дека, како и сите санкции на ЕУ, и овие ќе бараат поддршка од земјите членки.

 

Предложениот пакет санкции на ЕУ би можел да биде разгледан од земјите членки во наредните денови и недели. Други мерки што се разгледуваат вклучуваат ограничување на визите, како и санкции за услугите како што е вештачката интелигенција, што имаат воени импликации, додадоа изворите.

ИЗДВОЕНИ