Преговарачите на ЕУ досега не успеаја да постигнат напредок во трговските разговори со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и би можеле да побараат продолжување на статус кво за да избегнат зголемување на царините, изјавија денес европски дипломати запознаени со разговорите, пренесе „Хина“.
ЕУ веќе се откажа од надежта дека ќе постигне сеопфатен трговски договор до рокот на Трамп на 9 јули, но по разговорите во Вашингтон не е сигурно дека ќе може во принцип да се согласи дури и за поблага верзија на договорот.
Европската комисија денес им кажа на претставниците на земјите-членки дека верува оти САД се подготвени да ги „паузираат“ сегашните царини за партнерите со кои постигнале првични договори, со можни полесни царински режими или ослободувања подоцна.
Без прелиминарен договор, американските царини за поголемиот дел од увозот би се зголемиле од сегашните 10 проценти на стапката утврдена од Трамп на 2 април. За ЕУ, тоа се 20 проценти.
Двајца европски дипломати изјавија за „Ројтерс“ дека Комисијата се чини дека е повеќе склона кон првата опција, продолжување на статус кво, а потоа продолжување на преговорите.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, вчера изјави дека преговорите ќе продолжат во текот на викендот.
Трамп воведе царини од 50 проценти за увоз на челик и алуминиум од ЕУ, 20 проценти за увоз на автомобили и делови за автомобили и 10 проценти за повеќето други производи.
ЕУ се согласи за пакет контрамерки во вредност од 21 милијарда евра, но не го спроведе. Исто така, разгледува и втор пакет, првично утврден на 95 милијарди евра. Тој сега е намален на 72 милијарди по лобирањето од некои земји-членки, изјавија дипломати.