Европскиот комесар за одбрана, Андриус Кубилиус, објави дека следната недела ќе ги собере министрите на ЕУ за одбрана за да разговараат за создавање „ѕид за дронови“ по должината на источната граница на Унијата, по неодамнешните руски упади со дронови во Полска.
Тој изјави за „Ројтерс“ дека некои земји од Европската Унија веќе разговарале за идејата за одбранбена линија против беспилотни летала уште пред минатонеделната инвазија врз Полска и дека извршната власт на ЕУ сега сака брзо да дејствува за да го оствари концептот.
– Некои европски земји веќе ја разгледуваа идејата за линија на одбрана од дронови пред минатонеделната инвазија, а извршната власт на ЕУ сега сака брзо да се премине од идеја кон спроведување – рече тој.
Предлогот за „ѕид за дронови“ се смета за клучен чекор во зајакнувањето на одбранбената инфраструктура на ЕУ од руската закана. Аналитичарите и службениците велат дека руската инвазијата со дронови врз Полска открила празнини во способноста на Европа и на НАТО да се бранат од беспилотни летала, иако полските сили и силите на НАТО соборија неколку.
– Сакаме навистина да продолжиме со многу, многу интензивни и ефикасни подготовки за да почнеме со пополнување на оваа празнина, која е навистина многу опасна за нас, што е можно побрзо – вели Кубилиус во телефонското интервју за „Ројтерс“.
Меѓу другото, тој најави дека ќе одржи видеоконференција за проектот со министрите за одбрана на Источна Европа и со претставник на Украина, на која би можеле да се споделат лекциите од војната предизвикана од инвазијата на Русија во 2022 година.
– Се вратив од Киев пред два дена и разговаравме и со Владата и со индустријата. Тие се заинтересирани да ги споделат своето искуство и своето знаење – рече Кубилиус, кој е поранешен премиер на Литванија и кој беше назначен за прв комесар за одбрана на ЕУ минатата година.
Иако дискусиите за овој проект се сè уште во почетна фаза, тој вели дека го замислува како комбинација од сензори, разни оружја и системи за блокирање што би ги детектирале и неутрализирале дојдовните дронови.
Што се однесува до парите што би требало да ги издвои ЕУ за да го реализира проектот „Ѕид за дронови“, Кубилиус вели дека е прерано да се каже колку би чинел таквиот систем. Исто така, во интервјуто тој посочува дека засега нема претпоставки ни за тоа колку време би било потребно за да се инсталира системот, иако рече дека некои јавни процени од аналитичарите сугерираат дека би можело да се направи тоа во рок од една година.
Во врска со одбраната од дронови, уште во четвртокот украинскиот министер за одбрана, Денис Шмихал, изјави дека украинските војници и инженери ќе ги обучуваат своите полски колеги во заедничка група против беспилотните летала.
По минатонеделните упади со беспилотни летала, Русија соопшти дека нејзините сили ја напаѓале Украина и дека немале намера да погодат никакви цели во Полска. Варшава го отфрли тоа објаснување, велејќи дека упадот бил намерен напад.