Европската Унија стои зад својот став кога станува збор за Гренланд, изјави денес високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, додавајќи дека ЕУ нема интерес да „почнува кавги“.
За време на нејзиното обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, Калас истакна дека геостратешкото значење на Гренланд се зголемило во последно време, нагласувајќи дека НАТО алијансата е способна да го реши прашањето за безбедноста на островот, објави Ројтерс.
„Геополитичката тензија и геоекономската конкуренција на Арктикот бараат ЕУ, заедно со нашите партнери, да реагира“, рече таа.
Таа нагласи дека царините што американскиот претседател Доналд Трамп им ги заканува на земјите што се спротивставуваат на неговата намера Соединетите Американски Држави да ја преземат контролата врз Гренланд само ќе го поткопаат просперитетот и на САД и на ЕУ.
„Ниту една земја нема право да ја преземе територијата на друга, ниту во Украина ниту во Гренланд“, рече Калас.












