Министерството за финансии на барање на премиерот Христијан Мицкоски ја донело одлуката за времено стопирање на исплатата на средствата од ИПА/ИПАРД-инструментот на Европската Унија. Според Мицкоски, причината е да се истражат сите злоупотреби што се случувале сега и претходно.
– Јас тоа го побарав затоа што мораме да видиме до каде одат злоупотребите, затоа што првичните информации велат дека не е тоа само од сега туку, дека и наназад е правено. Така што, сè ќе истражиме и секој што мисли дека така ќе помине, се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен, кој сака нека е – изјави Мицкоски.
На прашањето дали ЕУ ги блокира средствата од ИПАРД, премиерот вели дека не се блокирани туку напротив, како што рече, акцијата која се презема во моментов е поздравена како позитивна од страна на Европската комисија.
Министерство за финансии времено ги стопира исплатите од програмата ИПАРД, а Брисел ја поздравил одлуката. Суспендирањето на ИПАРД 3 програмата, опозициската СДСМ го оцени како „тежок удар врз македонското земјоделство, врз илјадници земјоделци и компании кои веќе имаат склучени договори и реализираат инвестиции“.
– Овој мега скандал е показател за систем на корупција и клиентелизам што целосно ја разорува довербата на граѓаните во институциите. Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство биле известени за суспензијата уште во петокот, но не ја информирале јавноста. Оние што се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Мицкоски и блиски соработници на Трипуновски од министерството, затоа политичката одговорност за овој случај мора да има – велат од СДСМ и прашуваат кој ќе понесе одговорност за овој мега скандал и ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите?
Одлуката на Министерството за финансии за времено стопирање на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата следува откако минатата недела беа уапсени актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и уште четири лица поради сомнеж за давање и примање поткуп.
За давање и примање поткуп се осомничени четворица од петтемина, меѓу кои и актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, на кој Основниот кривичен суд Скопје им одреди мерка притвор од 30 дена.
Притворите на четворица од осомничените, како што информираа од Судот, им се изречени поради опасност од бегство, можноста за влијание врз сведоци и повторување на делото. За петтоосомничената во случајот, Судот го прифатил променетиот предлог на јавниот обвинител и определи мерка куќен притвор. Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против сите осомничени.
Претходно министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски рече дека од Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои што сме како држава корисници.
– Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел. Покрај акцијата која што ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД средствата – појасни министерот Трипуновски.
Тој посочи дека во брз период ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.
(С.Бл.)












