Украина доби 5,9 милијарди евра финансиска помош од Европската Унија, објави украинската премиерка Јулија Свириденко.
Од вкупниот износ, 4,1 милијарди евра доаѓаат преку механизмот за заеми ERA, како последна транша од пакетот од 18 милијарди евра финансиран од приходите од замрзнатите руски средства, додека 1,8 милијарди евра беа доделени во рамките на Фондот за Украина, објави Свириденко на Телеграм.
„Ова е пример за тоа како Русија почнува да плаќа за своите злосторства. Во исто време, тоа е сигнал за европска солидарност и решителност да ја поддржиме нашата способност да преживееме“, порача Свириденко.
Таа додаде дека обете одлуки се резултат на стратешкото партнерство и довербата меѓу Украина и Европската Унија.
Свириденко им се заблагодари на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и на европските комесари за нивното „лидерство и непоколеблива поддршка за Украина“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека ЕУ мора „да продолжи да ја зголемува цената на војната за Русија“, велејќи дека трајниот мир зависи од „силна и независна Украина“.
Таа нагласи дека ЕУ помага во санирањето на штетите од руските напади и стабилизирањето на енергетската мрежа на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ се заблагодари на Европската Унија за нејзината помош, нагласувајќи дека кредитите од ЕРА се финансираат од профит од руски средства и дека „агресорот веќе плаќа за својата агресија“, објави Танјуг.












