ЕУ ја одобри втората транша од Планот за пораст, Македонија доби 16 милиони евра

Дел од парите – 7,4 милиони евра – ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, а останатите ќе се користат за проекти во инфраструктурата. Од вкупно 16 чекори, Македонија пријавила девет како исполнети, врз основа на процената направена од надлежните институции. Европската комисија, во рамките на сопствената техничка проценка, пак, оценила дека четири од овие чекори се задоволително исполнети: три од областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина кој се однесува на инспекциските надзори. За чекорите кои не се целосно реализирани, Европската комисија утврдила грејс-период за нивна имплементација до јуни 2026 година  

19

Европската унија одобри финансиска помош од 16 милиони евра за Македонија, како дел од поддршката за спроведување на важни реформи во земјава. Дел од парите – 7,4 милиони евра – ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, а останатите ќе се користат за проекти во инфраструктурата. Одлуката е донесена откако Европската комисија оцени дека државата направила напредок во дел од реформите, особено во областа на дигитализацијата и борбата против сивата економија. Оваа помош е дел од поширок план за поддршка на земјите од Западен Балкан на патот кон членство во ЕУ.

 – Со Одлука за спроведување на Европската комисија, Европската Унија го одобри второто ослободување на средства за Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за реформи и пораст за Западен Балкан. Со оваа одлука се одобрува вкупен нето-износ од 16 милиони евра, како комбинирана поддршка: дел неповратни средства и дел заем. Од овој износ, 7,4 милиони евра се исплаќаат директно во државниот буџет, додека остатокот е наменет за финансирање на инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Вкупниот износ е утврден по одземањето на средствата кои се користат за порамнување на претфинансирањето, односно на авансно исплатените средства во рамките на инструментот, соопштија од Министерството за европски прашања.

Оттаму додаваат дека одлуката претставува признание за реформите што Владата ги спроведе во насока на усогласување со стандардите на Унијата и следува по позитивната оценка на Европската комисија за барањето доставено од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како национален координатор за Инструментот за реформи и пораст.

 – Комисијата утврди дека Северна Македонија ги исполнува предусловите и општите услови за ослободување на средствата, кои се однесуваат на демократското владеење, владеењето на правото, макроекономската стабилност и управувањето со јавните финансии. Со оценката на Европската комисија се опфатени чекорите од Реформската агенда 2024 – 2027 со рок на реализација до јуни 2025 година, стои во соопштението.

Од вкупно 16 чекори, Македонија пријавила како исполнети девет, врз основа на процената направена од надлежните институции. Европската комисија, во рамките на сопствената техничка проценка, пак, оценила дека четири од овие чекори се задоволително исполнети: три од областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина кој се однесува на инспекциските надзори.

 – Реализираните активности се однесуваат на усвојување на нов закон за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со европската Директива за сајбер безбедност (NIS2), на нов закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се воведува европскиот дигитален идентитет, како и на закон за архивски материјал со кој се воспоставува рамка за електронско архивирање во јавната администрација. Дополнително, Комисијата потврди значителен напредок во борбата против неформалната економија преку зголемен број инспекции од страна на трудовата и пазарната инспекција, велат од Министерството за европски прашања.

Во соопштението се појаснува дека за чекорите кои не се целосно реализирани, Европската комисија утврдила продолжен рок (грејс-период) за нивна имплементација до јуни 2026 година.

Од почетокот на Планот за пораст на Западен Балкан, вкупните исплатени средства за Македонија изнесуваат 25 милиони евра.

 – Планот за пораст ги поттикнува земјите кандидати за проширување да се подготват за членство во ЕУ, така што придобивките им се овозможуваат уште пред целосната интеграција во Унијата. Со тоа се забрзува процесот на проширување и се поттикнува економскиот пораст на овие земји, велат од Европската комисија.

ИЗДВОЕНИ