Европската комисија одлучи привремено да ја суспендира примената на јаглеродниот данок за увоз на ѓубрива, со цел да ги заштити европските земјоделци од дополнително финансиско оптоварување. Одлуката ќе се применува ретроактивно од 1 јануари годинава. Веста беше соопштена од француската министерка за земјоделство, Ан Женавар, нагласувајќи дека Франција и Италија заеднички побарале да бидат исклучени ѓубривата од механизмот за приспособување на ограничувањето на јаглеродот (CBAM), барем на привремена основа. Барањето било доставено пред состанокот на министрите за земјоделство на Европската Унија.
CBAM е дел од климатската политика на ЕУ и претставува данок за увоз на стоки од земји со помалку строги еколошки стандарди. Неговата цел е да се изедначат условите за конкуренција меѓу европските и странските производители, да се спречи таканареченото истекување јаглерод, како и да се поттикне почисто индустриско производство на глобално ниво.
Иако механизмот официјално треба да стане целосно оперативен во 2026 година, зголемените трошоци за ѓубрива предизвикаа загриженост кај земјоделскиот сектор во повеќе земји членки. Поради тоа, Европската комисија одлучи да реагира со привремено олеснување, оставајќи можност за понатамошна ревизија на мерката.
Суспензијата се оценува како значаен чекор за стабилизирање на земјоделското производство во ЕУ, особено во услови на зголемени трошоци и на пазарни притисоци.












