Унгарскиот премиер Виктор Орбан испрати отворено писмо до Володимир Зеленски, обвинувајќи го за антиунгарска политика и повикувајќи го да го обнови транзитот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“.
Медиумите, во исто време, наведуваат дека Европската Унија наводно ѝ нуди компромис на Унгарија за да се осигури дека Будимпешта ќе се откаже од ветото на 20-от пакет санкции.
Орбан рече дека Украина нема да може да ја фрли унгарската економија на колена со суспендирање на транзитот на нафта преку „Дружба“.
– Четири години работевте да ја принудите Унгарија на војна меѓу вас и Русија. За ова добивте поддршка од Брисел во изминатите четири години, а ја обезбедивте и поддршката од унгарската опозиција. Во исто време, гледаме дека вие, Брисел и унгарската опозиција преземате координирани чекори за да донесете проукраинска влада на власт во Унгарија – се нагласува во писмото објавено на социјалните мрежи.
Унгарскиот премиер посочи и на блокирањето на нафтоводот „Дружба“, оценувајќи дека таквиот потег ја загрозува енергетската сигурност на неговата земја.
– Вашите постапки се спротивни на интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и достапно снабдување со енергија за унгарските семејства – рече Орбан.
Тој повтори дека Унгарија не сака да учествува во војната, ниту да финансира воени активности, и побара отворање на нафтоводот и прекин на, како што наведе, нападите врз енергетската безбедност на земјата.
– Ние, Унгарците, не можеме ништо да промениме поради оваа ситуација во Украина. Жал ни е за украинскиот народ, но не сакаме да учествуваме во војната. Не сакаме да ги финансираме борбите и не сакаме да плаќаме поскапо за енергија – истакна Орбан.
На крајот од писмото, тој порача: „Повеќе почит кон Унгарија“.
Што ѝ нуди ЕУ на Будимпешта?
Во меѓувреме, „Политико“, повикувајќи се на европски дипломати, објави дека Европската Унија би можела да ѝ вети на Будимпешта дека испораките преку „Дружба“ ќе продолжат во замена за укинување на ветото за нова помош за Киев и усвојување на 20-тиот пакет антируски санкции.
– Тој (Орбан) ќе го добие својот проклет нафтовод. Целата работа со „Дружба“ не звучи веродостојно, но му е потребна победа за изборната кампања – рече дипломат запознаен со дискусиите.
На состанокот на амбасадорите на ЕУ оваа недела, неколку дипломати предложија да се испрати европска делегација со седиште во Украина за да го провери нафтоводот и да ја процени неговата состојба.
– Сепак, посетата зависи од согласноста на украинските власти, бидејќи објектот е добро заштитен – додаде еден од изворите, нагласувајќи дека релевантните дискусии со Киев веќе се во тек.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, неодамна изјави дека Будимпешта јасно ставила до знаење дека нема да поддржи одобрување на воен заем од 90 милијарди евра за Украина, бидејќи Украинците ја уценуваат.












